Интервјуа

Интервју со господин Бранко Трајковски, основач и генерален менаџер на групацијата „Брансис“-Скопје

Во моментов „Брансис“ работи на повеќе проекти, во зависност од пазарот. Во Македонија на прво место се решенијата за следење на флота на возила и за станиците за технички преглед. Тие се надградени за секој тип индустрија и во моментов се активни во агробизнисот, рударството, градежништвото, транспортот и логистиката, дистрибуцијата и сл. Соседните држави,исто така, најмногу се опслужуваат со софтверите за следење на возила и со системот за превенција од несреќи на пат. Во моментов африканскиот пазар најактивно го користи и го тестира нашето мобилно решение – апликацијата „Клакси“, надградувајќи ја за потребите на повеќе африкански држави.

четврток, 13 октомври 2016

МАРИЛИ: Почитуван господин Трајковски, повод за ова интервју е наградата што неодамна ја добивте како национален шампион на Европските бизнис-награди 2016/2017. Честитки за ова високо признание и кажете ни за што ја добивте оваа награда и во која конкуренција?
ТРАЈКОВСКИ:
Ви благодарам за честитките и за поканата да ги споделиме овие убави новости. Целта на овој натпревар е да се поддржи развојот на посилна и поуспешна бизнис-заедница низ Европа. Тоа е показател за квалитетот и за иновациите што нашата бизнис-заедница му ги нуди на пазарот. Со ова признание „Брансис“ го докажа квалитет што го нуди како бизнис и потврди дека иновацијата, етиката и успехот се дел од нашето работење.

МАРИЛИ: Верувате ли дека во следниот круг во кој се натпреваруваат националните шампиони од наградите на ЕБА ќе успеете со Вашата видеопрезентација да бидете на врвот со најдобрите?
ТРАЈКОВСКИ: Свесни сме за конкуренцијата што ја имаме. Сепак, станува збор за многу големи имиња што веќе долго време имаат можност да се докажуваат на пазарот. Но токму тоа нè води напред. Ние секогаш се трудиме и целиме кон тоа да го истакнеме квалитетот што го имаме и се надеваме дека и овој пат ќе успееме да го покажеме тоа на соодветен начин и да се бориме рамо до рамо со големи имиња. 

МАРИЛИ: Како основач на оваа компанија, кажете ни од кога почнавте да работите и кои беа Вашите првични идеи за основање на оваа ИТ компанија?
ТРАЈКОВСКИ
: Моите први проекти почнаа уште во периодот кога бев во средно училиште. Тогаш почнав да ги развивам првите проект-програми и да размислувам како да ги пласирам на пазарот. Со текот на годините искуството како програмер и иновативноста ми овозможија да се соочам со големи предизвици, станав свесен дека сам не можам да постигнам сè и дека е време да направам тим што ќе ми помогне да го подобрам квалитетот. На тој начин почна приказната на „Брансис“. Со зголемувањето на бројот на клиентите и на проектите почнавме да се ориентираме кон поспецијализирани програмски решенија, како што е системот за следење на возила, како и други автомобилски софтверски решенија за менаџирање, за диспечерски централи, за станици за технички преглед и слично. Во секој случај мојата желба за успешност до ден денес ме води напред кон усовршување на услугите што ги нуди мојата компанија и надградување на нивниот квалитет.

МАРИЛИ: Објаснете ни со што сè се занимава Вашата компанија, односно кои се Вашите иновации и решенија што сте ги понудиле на пазарот?
ТРАЈКОВСКИ:
Во моментов „Брансис“ работи на повеќе проекти, во зависност од пазарот. Во Македонија на прво место се решенијата за следење на флота на возила и за станиците за технички преглед. Тие се надградени за секој тип индустрија и во моментов се активни во агробизнисот, рударството, градежништвото, транспортот и логистиката, дистрибуцијата и сл. Соседните држави,исто така, најмногу се опслужуваат со софтверите за следење на возила и со системот за превенција од несреќи на пат. Во моментов африканскиот пазар најактивно го користи и го тестира нашето мобилно решение – апликацијата „Клакси“, надградувајќи ја за потребите на повеќе африкански држави. Американскиот пазар, пак, е најразновиден, опфаќа голем број исклучителни мобилни решенија, почнувајќи од еко-возење, па сè до професионални бизнис ориентирани апликации. Настрана од тоа, на овој пазар фокусот на решението за менаџирање на флота на возила е ставен на возилата со контејнери и градежни машини со хидраулика.


МАРИЛИ: По почетоците во Македонија, како го ширевте бизнисот, односно како дојде до тоа денес да имате канцеларии во Чикаго, Илиноис?
ТРАЈКОВСКИ:
Со зголемувањето на обемот на работа, како и со потврдувањето и со докажувањето на квалитетот на софтверските решенија што ги имаме, најпрво се проширивме со канцеларии во Белград, Србија. На овој начин полесно и побрзо можевме да ги координираме балканските проекти и да обезбедиме подобра поддршка за нашите клиенти. Но бидејќи можностите се големи, а нашите амбиции и способности уште поголеми, одлучивме да го прифатиме предизвикот на американскиот пазар. Со првите проекти на тој пазар веќе стартуваше и иницијативата за проширување на нашиот тим и во Америка, што резултираше со отворање на нови канцеларии во Чикаго, Илиноис.

МАРИЛИ: Вашето мото е дека верувате во оптимизирање на најважните деловни предизвици - време и пари. Дали сите проекти и иновации што ги водите се во таа насока и дали сметате дека тоа е најважната предност во современиот деловен свет? Како на ова реагираат Вашите потенцијални клиенти?
ТРАЈКОВСКИ:
Денес секој од нас се бори со времето, особено бизнисите. Настрана од тоа, финансискиот резултат е неизбежно важен за секој бизнис бидејќи од него зависи и долгорочноста на бизнисот на самиот пазар. Токму поради тоа нашите решенија секогаш имаат цел да го оптимизираат работењето на нашите клиенти. Сè додека услугите што ги нудиме на пазарот имаат цел да го подобрат работењето и да го усовршат бизнисот, ние ќе бидеме срдечно прифатени од нашите клиенти. Нашето мото да им помогнеме на другите да бидат успешни е токму тоа што ја дефинираше нашата успешност и квалитет во текот на годините.

МАРИЛИ: Какви се предизвиците да се работи за глобални пазари, како што е американскиот, и колку младите луѓе со иновативни идеи може да се вклопат во корпоративните ИТ индустрии?
ТРАЈКОВСКИ:
Денес предизвиците за ИТ индустријата се огромни. Иновативноста во решенијата е неизбежен процес за да може која било компанија да опстане на пазарот, без разлика дали станува збор за американскиот или за други пазари. Без иновативни решенија денес компаниите немаат можност да се истакнат поради динамичноста на глобално ниво. Младите луѓе со иновативни идеи се темел на ИТ индустријата, бидејќи без нив не би ни постоеле корпоративните ИТ индустрии. Токму поради тоа свеста за градење тимови денес е многу поразвиена и е во фокусот на работењето, особено на ИТ индустријата.

 

Содржината е прочитана 3068 пати.