Интервјуа

Интервју со господин Благоја Милевски, селектор на младинска фудбалска репрезентација на Македонија

Македонскиот фудбал конечно почна да го радува македонскиот народ, откако младинската фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 21 година обезбеди учество на Европското Првенство кое во 2017 година ќе се одржи во Полска. А творецот на овој успех, е кој друг ако не Благоја Милевски, селекторот кој ги водеше овие момци низ патот до успехот и кој ги сруши сите бариери во македонскиот фудбал.

четврток, 15 декември 2016

МАРИЛИ: Европско првенство во фудбал, незамисливо кога е во прашање Македонија до пред три-четири месеци. Г-дин Благоја, откако помина првичната еуфорија, свесни ли сте што направивте ?
МИЛЕВСКИ:
Па, полека се освестуваме. Особено по ждрепката на која присуствуваме јас и делегацијата од Фудбалската федерација на Македонија и уште неколку лица, кои ќе бидат задолжени за нашето сместување во Полска, како учесници на тој настан полека сфаќаме и ни станува јасно што сме направиле и каде ќе се наоѓаме во јуни. За самиот настан не би трошел многу зборови, тој говори сам по себе. Да се биде меѓу моментно најдобрите 12 селекции во Европа, мислам дека кога ќе отидеме таму ќе станеме уште посвесни за тоа колку би требало да ни значи, не само како на Федерација и на поединци, тука на целата македонска јавност.

МАРИЛИ: Ве сметаат за херој, веќе Ви ја доделија и титулата „сер”. Што е тоа што Вие од тренерски аспект го направивте со овие млади фудбалери, па конечно да се поместат бариерите кога станува збор за македонскиот фудбал ?
МИЛЕВСКИ:
Сето тоа годи, но моето мислење е дека сè уште сум далеку од тоа некој да ме условува со сер затоа што, да ова е оргомен успех за мене лично, за нас како Федерација, како држава, но сè уште сме на почетокот на патот кон европската елита. Затоа ова го гледам само како еден мотив повеќе да не застанеме тука или да чекаме да поминат уште 20 години за да се најдеме повторно на вакво завршно натпреварување, на Европско или на Светско првенство, туку да ова ни стане еден вид нормална работа, нашите селекции, без разлика за која возраст станува збор, да бидат редовни учесници на овие завршни турнири.

МАРИЛИ: Групата, веројатно, е најтешка, како да немавме среќа на ждрепката. Шпанија, Португалија и Србија. Можеше ли потешко од ова ?
МИЛЕВСКИ:
Хммммм, дали можеше потешко ... Па, кога се наоѓате меѓу 12 најдобри селекции во Европа, без разлика во која група ќе паднете или против кои селекции ќе играте, е неблагодарно да се каже дали имате потешка или полесна група. Филтерот е направен што се однесува до квалитетот на учесниците на ова ЕП и со кого и да бевме во група ќе мора да бидеме на уште повисоко ниво од нивото на кое ги одигравме квалификациите за да бидеме конкурентни, особено кога сте во група со репрезентација што има освоено четири европски првенства (Шпанија ), со репрезентација што е финалист на последното ЕП ( Португалија ) и репрезентација што доаѓа со генерација што сè уште е актуелен светски шампион (Србија ). Со еден збор, моментно ова е најдоброто и најатрактивното во Европа. Можеби и другите групи се тешки, но ние се наоѓаме во група со атрактивни и познати фудбалери и тоа го гледам како еден вид предизвик да видиме до каде сме и на ова ниво, на едно ЕП и да се соочиме со водечките репрезентации во Европа.

МАРИЛИ: Можете ли во кратки црти да ни кажете нешто повеќе за противниците ?
МИЛЕВСКИ:
Знаеме дека Шпанија во својот состав има фудбалери што играат на врвно европско ниво, во врвни европски клубови и редовно играат европски натпревари во Лигата на шампиони и во Лигата на Европа, тоа се однесува и на Португалија, а за Србија не треба да се каже дека нејзините играчи, исто така, настапуваат во Премиер лигата, Бундес лигата во Италија и слично, така што квалитетот е тој. Но, од друга страна, пак, ние покажавме дека можеме да бидеме рамо до рамо и со најдобрите, ете ќе ја споменам Франција која, според моето мислење, во овој момент има најквалитетни и најталентирани играчи во Европа, па и во светот, но и на двата квалификациски натпревара против нив покажавме дека можеме да бидеме, во најмала рака, рамноправни со нив.

МАРИЛИ: Пред почетокот на квалификациите Македонија беше аутсајдер, како сега нè гледаат во Европа, во фудбалските кулоари по пласманот на ЕП, особено по ждрепката и по контактите со другите фудбалски работници во Полска ?
МИЛЕВСКИ:
На најавата на отворањето на манифестацијата, значи пред ждрепката, во случај кога од водечките луѓе на УЕФА во најавата, секако покрај домаќинот што мора да го најавите, нашата репрезентација беше единствена што беше спомената тука. Тој факт ни значи многу и сам по себе говори дека малку, од една страна, е изненадена Европа, но, од друга страна, со пофални зборови и честитки на наша адреса, тоа што нè гледаат како освежување во европскиот крем, што се однесува барем до оваа возрасна категорија и нема да излажам ако кажам дека многу ми значи, не само на мене туку на сите во ФФМ, а верувам и на глобално ниво.

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што значи ова за македонскиот фудбал, но и за Македонија како држава?
МИЛЕВСКИ:
Ќе значи дека покажавме оти можеме да го направиме и тоа што досега ни изгледаше многу далечно, многу неостварливо, дека сме способни да го реализираме тоа и да бидеме дел од фудбалскиот крем на Европа. А како држава, секако дека ова е една промоција на нашата земја на европско, па и на светско ниво, па и од таа страна ќе ја афирмираме Македонија. Сигурно ќе прикажеме, ако не исти, барем приближно исти игри, како на ЕП, како и во текот на квалификациите. Мислам дека тоа ќе биде добра промоција за нашата држава.

МАРИЛИ: Кои ќе бидат амбициите на ЕП во Полска ?
МИЛЕВСКИ:
Амбиции ... да покажеме дека знаеме да играме фудбал, дека нашиот пласман на ЕП не е случаен, дека не се случајни и не може да бидат случајни одиграните девет натпревари во низа на високо ниво. Не е случајно двапати Франција да се доведе пред пораз, на двата натпревара да бидеш во главна улога, дека не е случајно двапати да се совладаат Украина, Шкотска, Северна Ирска. На Исланд и не се навраќам бидејќи и покрај добриот пласман покажа најслаб фудбал во нашата група. Тоа е ... И овие квалификации ги почнавме со цел да го подобриме рејтингот, со цел да останеме колку што е можно подолго конкурентни во нашата група, но обезбедивме директен пласман на ЕП и тоа мора да се почитува.

МАРИЛИ: Кога Македонија играла на ЕП или на СП во други спортови секогаш имала поддршка од трибините. Сега првпат во историјата сме на едно ЕП во најпопуларниот спорт, фудбалот, па очекувате ли поддршка од трибините со оглед на далечината на Полска ?
МИЛЕВСКИ: Мислам дека и местоположбата на Гдиња малку го отежнува патот на навивачите што ќе сакаат да дојдат. Да бевме во Краков сигурно би им било многу полесно на навивачите да дојдат за да нè бодрат, бидејќи оддалеченоста е околу 600 километри. Но дали очекувам или дали би сакал ...Јас би сакал да имаме голема поддршка и таму да ги израдуваме нашите навивачи, мислам дека со односот што овие момчиња го имаат кон националниот дрес и кон Македонија воопшто, ја заслужуваат поддршката од сите нас и од сите навивачи во Македонија.

МАРИЛИ: За крај, што би им порачале на љубителите на фудбалот и на навивачите ?
МИЛЕВСКИ:
Ништо не би им порачал, но јас можам да ветам од моето име и од името на репрезентативците дека, како и досега, како и на секој наш настап ќе го дадеме максимумот, уште еднаш ќе покажеме како треба ние да се однесуваме или да се однесува некој кога го носи националниот дрес и кога настапува за Македонија.
 

Содржината е прочитана 816 пати.