Бизнис клуб

Ги поместуваме границите: персонализиран подарок за секоја од 2100те жени во КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ БИТОЛА

Колку труд, работа, и љубов е потребно за да се посвети внимание и да се измами насмевка и задоволство од една жена, а замислете како тоа би излгедало за 2100 жени, и тоа за секоја посебно? Веројатно многу. Но тоа најдобро го знаат вработените во Кромберг & Шуберт.

среда, 15 март 2017

Колку труд, работа, и љубов е потребно за да се посвети внимание и да се измами насмевка и задоволство од една жена, а замислете како тоа би излгедало за 2100 жени, и тоа за секоја посебно? Веројатно многу. Но тоа најдобро го знаат вработените во Кромберг & Шуберт.

„Како што знаете ние секогаш сме уникатни со нашите активности и секогаш имаме некои необични и оригинални идеи, но верувајте ништо не е тешко кога се прави со многу љубов и максимална посветеност. Почнувајќи од фактот што 8ми Март го прославивме на 12ти, се насетуваше дека повторно ќе биде нешто невообичаено. Имено, сите нѝ се во срцето, па затоа и направивме огромно срце од цвеќиња во кое ги сместивме нашите дами бидејќи нема поубаво чувство од тоа да гледаш како ти се полни срцето. Прво секоја од дамите ги засладивме со превкусни крофни, потоа ги насмеавме со кратка модернизирана претстава за Ромео и Јулија во придружба на Шекспир, зачинета со различни профили и професии кои една жена може да ги има покрај секојдневните стотици улоги како мајка, работничка, пријателка, домаќинка, сопруга, лидер итн... За да биде сѐ комплетно потоа им подаривме персонализиран подарок со името на секоја од дамите. Замислете само колку логистика и организација е потребно да изменаџираме 2100 подароци со 2100 имиња и исто толку жени . На крајот тука беше и менаџментот кој беше расположен за честитки, прегратки и фотографии како секогаш“, изјави претставник од Одделот за Човечки ресурси.

„Никогаш немаше да помислам дека може да добијам ваков подарок. Прв пат во животот добивам вино на кое го пишува моето име и дека е специјално полнето за мене. Ќе го чувам до пензија... а може и подолго “ – беше една од изјавите на вработените.

Многу насмеани лица, дружење, некаде и солзи радосници, убави чувства, песни специјално напишани и посветени на жената, крофни и вина се клучните зборови со кои би ја опишале преубавата атмосфера во КШМК.

Кромберг & Шуберт е компанија која се занимава со производство на кабелски снопови за автомобилската индустрија и моментално брои над 3600 вработени кои произведуваат за гигантите Мерцедес и Ауди. Во тек е и изградбата на екстензијата на производствениот погон со кој ова „Крошу семејство“ како што го нарекуват вработените за инает на „неверниците“ , ќе се шири уште повеќе, но тоа нема да ги спречи членовите на тимот и понатаму да останат креативни и оригинални и секогаш да приредат уште подобро изненадување.
 

Содржината е прочитана 376 пати.