Бизнис клуб

Македонските жени тешко доаѓаат до менаџерски позиции

Само 3,86 проценти од менаџерите на компаниите коишто котираат на Македонската берза се жени, но често името на жената само фигурира на одредена позиција, додека функцијата ја врши маж

среда, 27 септември 2017

Додека во САД дури една четвртина од менаџерите се жени, во Европа таа бројка изнесува едвај околу 16 проценти.

Во Македонија, пак, иако нема официјален податок за бројот на жени на менаџерски позиции, според некои нецелосни сознанија, состојбата е далеку под европскиот просек. Иако дури една третина од компаниите во државава се основани од жени и официјално жени се назначени на највисоката раководна позиција, во пракса тоа воопшто не е така. Според податоците од Централиот регистар на Македонија, бројот на жени претприемачи изнесува околу 33 отсто од вкупниот број регистрирани компании, при што жената е сопственик на најмалку 51 процент од компанијата и е нејзин управител.

Всушност, релативно високиот број на жени кои започнале сопствен бизнис во Македонија не значи и висок број на жени-менаџерки, односно, жени на највисоки раководни позиции во компниите.

Истражувањето за проект „Гема“ што го спроведе Здружението на бизнис жени, а чиј што носител беше Бизнис конфедерацијата на Македонија покажа дека само 3,86 отсто од менаџерите во компаниите во Македонија што котираат на берза се жени, односно, од 102 компании колку што се јавуваат на Македонската берза во само четири од нив на највисоката раководна позиција е назначена жена.

Дисоска нагласува дека ова истражување е направено само во компаниите што котираат на берза, но не и во останатите фирми, ниту, пак, во државните и јавни институции. Тоа значи дека сликата е уште понеповолна, бидејќи досега никој во државава не направил детаљно истражување околу тоа колку жени има на највисоките менаџерски позиции во сите компании што егзистираат во Македонија (и приватни и јавни).

Од друга страна, пак, истражувањето за родова застапеност на раководни позиции, коешто неодамна го реализираше Институтот за комуникациски студии во соработка со институтот „Изида Вита“ од Словенија, покажа дека иако дури 65 отсто од вработените во големите и средни претпријатија во Македонија сметаат дека родовата рамноправност во управувањето е многу важна, дури 60 отсто рекле дека компанијата во која работат нема спроведено активности за полово врамнотежено управување и не ни планира да направи такво нешто.

Според истражувањето, во 73 проценти од домашните големи и средни компании сопственици се мажи, а во 67 отсто се генерални менаџери, додека жени менаџираат во 33 отсто од компаниите, а само 27 проценти се сопственички.

Анкетираните сметаат дека има неколку клучни фактори што им пречат на жените да се промовираат на највисоки раководни позиции: прво, тие треба да се 95 проценти сигурни дека се способни да извршуваат нова функција, потоа, фактот дека жените работат на социјално одговорни цели и не се фокусирани само на постигнување финансиски цели, како и тоа дека жените се воспитуваат да се грижат, пред се, за семејството, а не да имаат успешна кариера.

Сепак, иако во Македонија има жени кои имаат амбиции, но и способности за менаџирање, некои од испитаничките одговориле дека се соочиле со ситуации кога заслугата за работата што тие ја завршиле ја презел маж. Други, пак, кажале дека кога конкурирале за повисока позиција, работата му била доделена на маж, иако нивното искуство и вештините биле на исто, па дури и на повисоко ниво од неговите.

Иако ова истражување покажало дека 26 отсто од компаниите веќе се обиделе да преземат одредени активности за да ја подбрат родовата избалансираност во управувањето, а 14 отсто планираат да го сторат тоа, сепак, бројките се далеку од задоволителни. Бидејќи тоа значи дека помалку од половина од фирмите допрва ги прават првите чекори кон половата врманотеженост, додека повеќето компании воопшто ниту ги применуваат, ниту,пак, размислуваат да применат барем дел од мерките што би можеле да ги користат за оваа цел.

e od istrazuvanjeto za proekt GEMA, cij sto nositel vo MK bese Biznis konfederacija
 

 

Содржината е прочитана 260 пати.