Инфо

Расте бројот на осигурувања во Македонија

Граѓаните се повеќе го осигуруваат својот имот, автомобилите, а во последно време се поактуелно е животното осигурување

среда, 01 ноември 2017

Граѓаните во Македонија се повеќе се осигуруваат. Го осигуруваат имотот, автомобилите, склучуваат патнички осигурувања, а во последните години многу е актуелно и животното осигурување.

Анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) покажува дека во првиот квартал од 2017 година е остварена бруто-полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 2,24 милијарди денари, што претставува раст од 4,68 отсто во однос на истиот период лани, кога изнесувала 2,14 милијарди денари. Во делот на неживотното осигурување БПП бележи пораст во однос на првиот квартал минатата година и изнесува 1,96 милијарди денари, а пораст е утврден и во делот на осигурувањето на живот, каде што во првите три месеци од 2017 година е остварен БПП во износ од 276,1 милиони денари, односно 14,88 отсто повеќе отколку во 2016 година.

Според податоците на Агенцијата, осигурувањето на живот започна да оди во нагорна линија во 2016 година, нецела година откако овој вид животно осигурување за првпат се појави во Македонија, кон крајот на 2015, кога беа склучени 325 договори со вкупна премија од полиси во износ од 7,71 милион денари. А, веќе во 2016 година беа склучени 1.466 договори со бруто-премија од полиси во износ од 57,46 милиони денари.

Во вкупната остварена БПП најзначајно учество има осигурувањето на моторните возила со 45,82 проценти, потоа следува осигурувањето на имот од пожар, природни непогоди, кражби и други ризици со 23,91отсто и осигурувањето од последици на несреќен случај (незгода) со учество од 9,89 проценти.

Од година во година има раст и на склучените договори за туристичка помош каде спаѓаат и патничките осигурувања, а кои најмногу се склучуваат во текот на летната сезона. Така, додека лани биле склучени 364.092 вакви договори, годинава нивниот број изнесува 381.949.

Според Агенцијата за супервизија на осигурувањето, на пазарот на осигурување во Македонија работат 15 друштва за осигурување од кои 11 неживотно осигурување и 4 осигурување на живот. Осигурителни брокерски работи вршат 33 осигурителни брокерски друштва, работи на застапување во осигурување вршат 14 друштва за застапување и 3 банки.

 

Содржината е прочитана 312 пати.