Инфо

Синдикатот на УПОЗ предупредува дека парцијално зголемување на платите ќе создаде револт

Од министерот за финансии се бара итно да се сретне со синдикатите од јавниот сектор за да се најде општоприфатливо решение

петок, 03 ноември 2017

Парцијалното зголемување на платите предвидено за вработените во образованието, одбраната и во здравството, создава револт и незадоволство кај другите дејности во јавниот сектор - јавната администрација, судската и јавнообвинителската служба, соопшти Синдикатот на УПОЗ и побара од министерот за финансии итно да се сретне со синдикатите од јавниот сектор за да се најде општоприфатливо решение за сите вработени во јавниот сектор.

„Без оглед на оправданоста и образложението за зголемување на платите на вработените во овие дејности, за Синдикатот на УПОЗ е неприфатливо ваквото парцијално зголемување“, се вели во соопштението на УПОЗ.

Оттаму посочуваат дека платите на судската и на обвинителската служба не само што не се зголемени во последните години, туку им е скратено и законското право на исплата на надоместоци на плата, поради што лани имаше 60-дневен штрајк. А, слична е состојбата и со вработените во казнено-поправните установи, шумската, затворската и во судската полиција.

Од УПОЗ додаваат дека платите на административните службеници се регулирани со Закон, а не со колективен договор, со што Синдикатот е оневозможен да преговара со Владата за какво било зголемување.

 

Содржината е прочитана 323 пати.