Инфо

Обука за локални туристички водичи од Македонија и Бугарија

Во проектот се вклучени беровската невладина организација „Лешки“ и бугарската „На фокус“

понеделник, 06 ноември 2017

Невладината организација „Лешки“ од Берово во партнерство со невладината „На фокус“ од Бугарија почнаа со обука за туристички водичи, како дел од проектот „Одржлив развој на туризмот, предност за прекугранична кохезија и просперитет“ што се реализира со поддршка на ИПА програмата за прекугранична соработка.

Целта на обуката е македонски и бугарски локални раскажувачи на приказни да бидат обучени како да го претворат ова свое хоби во работа и со тоа местата во кои живеат да бидат означени на туристичката карта.

„Проектот има за цел да го надмине лошиот квалитет на понудените услуги и ниската посетеност на овие области, што произлегува од недостатокот на обучени кадри во помалите населени места, но и од неподготвеноста на младите луѓе да се реализираат во регионот. Локалните раскажувачи на приказни се еден од неискористените ресурси за развој на одржлив туризам и не случајно се целна група на оваа обука“, вели Дејан Каламадевски, координатор на проектот од НВО „Лешки“

Со проектот се очекува да се формира заедничка база на податоци за најмалку 40 туристички маршрути во областа на Источниот регион во Македонија и Благоевградскиот во Бугарија, како и онлајн-платформа со сите податоци за локалитети, настани и контакти.

 

Содржината е прочитана 282 пати.