Инфо

Фондот за Западен Балкан започна со работа

ВБФ е прв фонд создаден од владите на земјите од Западен Балкан со цел се да се зајакне соработката меѓу членките и регионалната кохезија и да се унапреди интеграцијата во Европската унија

понеделник, 06 ноември 2017

Викендов во Тирана беше екипиран Секретаријатот на Фондот за Западен Балкан - ВБФ чија цел е поддршка на заеднички проекти на граѓанското општество и севкупните процеси на регионална соработка. 

Новите членови на персоналот, кои доаѓаат од Белград, Подгорица, Приштина, Скопје и Тирана, имаа можност да се претстават пред присутните амбасадори од регионот и од земјите на Европската унија, претставници од албанското Министерство за Европа и надворешни работи и Европската делегација во Тирана.

Фондот на Западен Балкан е прв фонд создаден од владите на земјите од Западен Балкан. Со неговото функционирање треба да зајакне соработката меѓу членките, да зајакнат односите и регионалната кохезија и да се унапреди интеграцијата во Европската унија. Тоа ќе се постигне преку промовирање заеднички вредности меѓу граѓаните, граѓанските организации и регионалните актери, преку зајакнување и обезбедување конкретен пристап „луѓето-за-луѓето“.

ВБФ финансиски ќе поддржува мали и средни проекти во следните четири клучни области: образование и научни размени, културна соработка, прекугранична и младинска соработка и одржлив развој.

Првиот повик за предлози на кој ќе може да аплицираат граѓанските организации од Западен Балкан ќе биде објавен во текот на ноември, а повеќе информации за тоа ќе може да се добијат и преку информативните сесии што ќе се организираат во наредните недели.

 

Содржината е прочитана 252 пати.