Инфо

Студенти од Архитектура ќе ги обновуваат фасадите на објектите не УСЈЕ

Цементарницата и Архитектонскиот факултет објавија конкурс на кој може да конкурираат студентите од сите студиски години

вторник, 14 ноември 2017

Цементарница УСЈЕ и Архитектонскиот факултет од Скопје објавија конкурс за обнова на фасадите на објектите и инсталациите во сопственост на компанијата. На конкурсот можат да се пријават студентите по архитектура од сите студиски години кои за условите за учество можат да се информираат на интернет страницата на УСЈЕ www.usje.com.mk на линкот http://usje.mk/upload/pdf/Konkurs_Cementara_2017.pdf , или на интернет адресата на Архитектонскиот факултет http://www.arh.ukim.edu.mk/, од каде можат да ги преземат сите материјали потребни за учество.

УСЈЕ, како општествено одговорна компанија го иницира овој конкурс за обнова на фасадните површини на дел од своите објекти и на инсталациите со цел тие што подобро да се вклопат во нивното непосредно опкружување.

„Овој преокт има за цел дополнително да даде придoнес кон работењето во целосна согласност со животната средина. Освежувањето на фасадите ќе значи и користење нови градежни материјали кои се со високи еколошки стандарди, но ќе отвори и можност за дополнително хортикултурно уредување на УСЈЕ. И што е најважно, оваа активност е можност за младите студенти да работат на конкретен проект кој со својата комплексност е вистински предизвик и глобален тренд“, истакна Борис Хрисафов, генерален извршен директор на УСЈЕ.

„Брзиот развој на технологијата влијае и на науката и на динамиката на развојот на пазарот на труд, особено во нашата дејност. Во таа смисла, како суштински важна се покажува соработката помеѓу научните институции и реалниот сектор. Искрено се надевам дека ќе имаме што повеќе проекти од ваков вид“, рече проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Конкурсот трае до 6 декември оваа година, по што петчлена комисија ќе ги разгледува сите пристигнати идејни решенија и ќе го избере најдоброто. За најдобрите три се предвидени парични награди и тоа, прва награда во износ од 25.000 денари, за втора награда - 15.000 денари и трета награда во износ од 10.000 денари. Дополнително, за откуп на идејните решенија ќе биде исплатен износ од 5.000 денари.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 26 декември 2017 на огласната табла на Архитектонскиот факултет.
 

Содржината е прочитана 414 пати.