Инфо

Донација од Пиварница Скопје за Клиниката за гинекологија и акушерство

Донацијата се состои од специјални болнички кревети со антидекубитни душеци, постелнина, наткасни и полици за пациентите и пулт за медицинскиот персонал

четврток, 16 ноември 2017

Специјални болнички кревети со антидекубитни душеци од реномирани светски производители, постелнина и наменски медицински мебел како наткасни и полици за пациентите и пулт за медицинскиот персонал, донираше Пиварница Скопје на Клиниката за гинекологија и акушерство. Со донацијата што беше предадена во пресрет на 17 ноември, Светскиот ден на предвремено родените деца и во чест на одбележувањето 70 години од основањето на оваа јавна здравствена установа, всушност, целосно е опремен одделот за перипартална интензивна нега на Клиниката за гинекологија

Ваквата опрема, Министерството за здравство и менаџментот на клиниката ја посочија како неопходна за унапредување на нивото на здравствената заштита на родилките во одделот за интензивна нега.

„Нашата определба да донираме за потребите на здравството произлегува од желбата да издвоиме дел од приходите за активности кои се значајни за целата заедница. Особено сме среќни и задоволни кога тие средства одат во обезбедување добри услови за третман и здравствена заштита на мајките и бебињата, со што придонесуваме кон обезбедување здрави поколенија и одржлива иднина за сите“, рече Ламбро Патче, менаџер за јавни работи и комуникации во Пиварница Скопје.

Со ова вложување, Пиварница Скопје се приклучи кон донаторската кампања на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, што се одвива под мотото „Сите ние, пријатели на бебињата“, а која е поддржана и од Владата.

„Ваквите донации се пример дека можеме заедно, и државата и приватниот сектор да придонесеме кон решавање и на најгорливите проблеми што ги мачат граѓаните. Се радувам што во нашата земја постојат позитивни примери, како денешниот со Пиварница Скопје каде што можеме да видиме како општествено одговорна компанија дава директна помош за унапредување на условите во одделението за интензивна нега “, изјави премиерот Зоран Заев.

На Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје сe извршуваат и до 6.000 породувања годишно и над 50.000 специјалистички и суб-специјалистички прегледи и интервенции.

„Поради местото, улогата и големото значење на нашата клиника за здравствениот систем на Македонија, неопходно е таа постојано да се осовременува, да биде во тек со најсовремените медицински достигнувања и да се обезбедуваат соодветни стандарди за третман и нега на пациентите. За нивното достигнување свој придонес секако дава и Пиварница Скопје, преку ваквиот вид конкретна поддршка, за што јас во името на клиниката, нејзиниот персонал и пациентите искрено им благодарам“, изјави директорката на клиниката, д-р Викторија Јовановска.

 

Содржината е прочитана 408 пати.