Инфо

Ќе се возат ли скопјани бесплатно во најзагадените денови?

За предлогот на градоначалникот Петре Шилегов сите граѓани да можат да користат бесплатен јавен превоз кога е многу загадено, вчера дискутираа советниците на Град Скопје

понеделник, 20 ноември 2017

Бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје во деновите на голема концентрација на ПМ честички во воздухот и забрана за возила до Средно Водно, се првите конкретни мерки за намалување на загадувањето.

Советот на Град Скопје вчера расправаше по предлогот на градоначалникот Петре Шилегов со овие краткорочни мерки да се влијае моментално да се намали загадувањето. Бесплатниот јавен превоз ќе се воведува во деновите кога ќе бидат надминати праговите на алармирање на загадувачките супстанции во воздухот, а градоначалникот со решение ќе го утврдува времетраењето на бесплатниот превоз. За да се надомести бесплатниот превоз средства ќе бидат обезбедени од Буџетот на Градот.

Забраната за возила до Средно Водно, пак, ќе биде воведена веднаш, односно, уште овој викенд. Во план е да се воведат две нови пробни автобуски линии, а ќе се користат и постојните, линијата број „25“ до Средно Водно и линијата со број „28“ која сообраќа до паркиннгот кај манастирот „Свети Пантелејмон“.

Со спроведувањето на овие две мерки, јасно е дека нема да се реши проблемот со загадувањето, иако се очекува да резултира со некакви ефекти барем во деновите на најголема концентрација на штетни канцерогени честички во воздухот. Сепак, мора да се признае дека проблемот е комплексен и за негово решавање се потребни не само инстант мерки, туку долгорочно решение кое загадувањето би го свело на минимум, или, барем во некои прифатливи рамки.

Со тоа се согласуваат и надлежните градски органи кои велат дека мора да бидеме свесни дека проблемот нема и не може да се реши веднаш, дека патот ќе биде долг и тежок и бара многу посветеност и добра волја од сите засегнати страни.

„Загадувањето на воздухот е најитниот и најважниот проблем за решавање во Скопје. Град Скопје веќе почна со програмирање активности кои ќе се реализираат заедно со пропишани мерки и активности, како и со конкретниот план во однос на справувањето со загадувањето на воздухот“, велат за „Марили“ од кабинетот на градоначалникот Шилегов.

Од таму посочуваат дека е веќе подигнато нивото на мобилност на градските служби, особено на инспекциските органи и дека се воспоставени дежурства, со цел да се спречат и да се санкционираат палењата на јавни површини. Инспекторите се на терен во текот на целиот ден и имаат изречено неколку казни за палење отпад. Казната изнесува 50 евра во денарска противвредност. Исто така, досега со по 4.000 се казнети и две правни лица и плус по 1.000 евра за одговорното лице на правниот субјект.

Од Градот велат дека сите активности ќе се координираат со градоначалниците на скопските општини, со цел сеопфатно да се спроведе се што е планирано.

„Планот предвидува краткорочни и среднорочни мерки во однос на загадувањето. Планираме уште зимава да воведеме забрани за градежни активности во најзагадените делови на градот во најлошите денови, да ја намалиме фреквенцијата на тешки товарни возила и возила за дотур на стока со нови мерки, да ги засилиме инспекциите во соработка со надлежните институции со 24-часовен мониторинг во дослух со пријавите на граѓаните. Планираме загадувањето предизвикано од диви огнови уште зимава да го сведеме на нула, воведувајќи заеднички тимови на полицијата и противпожарната служба“, велат од кабинетот на градоначалникот.

Појаснуваат дека среднорочните планови опфаќаат посебен третман да му се даде на најголемиот причинител на загадувањето, а тоа е огревот во домаќинствата. Токму од тие причини гасификацијата на домовите претставува приоритет за градската власт, а се планира да започне од населбите кои не се приклучени на топлификациската мрежа.

Меѓу долгорочните мерки спаѓаат оформувањето нови паркови, како и дополнителна заштита на старите паркови и парк-шуми во Скопје и обврската за секој изграден стан да биде посадено по едно дрво.

Конкретизирањето и активирањето на мерките треба да се динамизира во соработка со институциите и во координација со граѓаните и невладините организации. Целта е Скопје да стане град во кој се дишe чист воздух.

„Борбата против загадениот воздух е една од главните заложби на градоначалникот Шилегов. Токму од тие причини, во буџетот на Град Скопје за 2018 година, кој е во фаза на подготовка, мерките против загадениот воздух ќе имаат приоритетно место и ќе бидат предвидени многу повеќе финансиски средства за нивна реализација и имплементација“, велат од кабинетот на граодначалникот Шилегов.

Заменикот министер за животна средина, Јани Макрадули, пак, кој учествуваше на Светската климатска конференција во Бон, најави дека Македонија до 2020 година ќе ја забрани употребата на јагленот како средство за затоплување.

„Две третини од загадувањето во Скопје е резултат на затоплувањето на домовите со несоодветни материјали. Некои податоци покажуваат дека дури 1.000 семејства на територијата на општина Центар се греат на јаглен. Затоа решавањето на тој проблем е приоритет на Владата“, рече Макрадули, потенцирајќи дека загадувањето може да се реши само со интегриран пристап и со активности во сите области паралелено.

 

Содржината е прочитана 615 пати.