Инфо

ММФ не препорачува зголемување на старосната граница за пензионирање

Министерката за труд, Мила Царовска вели дека зголемување на старосната граница е последно решение што треба да се преземе за да се стабилизира пензискиот фонд

четврток, 23 ноември 2017

Владата ги почитува препораките на ММФ за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), но нивните препораки не се да се укине бенефицираниот стаж и не се да се зголеми старосната граница, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Таа потенцира дека зголемување на старосната граница не е единствено, туку последно решение што треба да се преземе, бидејќи во Македонија има други работи што треба да се надминат во системот. Зголемувањето на старосната граница е веројатно идно долгорочно решение.

„Во Македонија постојат други чекори што треба да се преземат и за тоа ќе излеземе кога ќе имаме детален план. За да може да се стабилизира Фондот, прво нешто што преземавме е тоа што го почитуваме законското решение за зголемување на пензиите и усогласување, а не ад хок паушални зголемувања што не се основани“, изјави Царовска.

Владата се зазема сериозно за стабилизација на Фондот на ПИОМ и во таа насока е формиран владин Совет кој го води Министерството за труд и социјална политика и во кој членуваат четворица министри. Двајца експерти од Светска банка веќе работат на детални анализи на пензиските друштва, МАПAС и на Фондот на ПИОМ и набрзо се очекува извештај од кој ќе произлезе акциски план за законски измени и регулатива. Царовска потенцира дека Владата ќе се грижи за достоинствена пензија на сегашните, но и за достоинствена пензија на идните пензионери.

 

Содржината е прочитана 286 пати.