Инфо

Пристигнати 324 барања за субвенции за печки на пелети

Со пари од буџетот на Град Скопје се надоместува дел од трошоците за купување вакви печки во висина од 70 отсто од вредноста, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход

петок, 24 ноември 2017

Пристигнати се вкупно 324 барања за добивање субвенции за купување печки на пелети. Толку граѓани се јавиле на јавниот повик на Град Скопје за надоместување на дел од трошоците за купување вакви печки.

„Комисијата веќе ги разгледува пристигнатите барања и врши увид на инсталираните печки кај барателите кои ги исполниле условите наведени во објавениот јавен повик“, велат од Град Скопје.

Јавниот повик беше распишан на 15 ноември и пријавувањето траеше седум дена. Градот со пари од градскиот буџет надоместува дел од средствата за купување печки на пелети во висина од 70 проценти од вредноста, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход. Доделувањето на субвенциите се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.

На јавниот повик можеа да се јават жителите на Скопје во општините: Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Чаир, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај. Субвенции немаат право да бараат домаќинствата кои имаат приклучок на централното греење, независно дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се уште се во фаза на изградба и не живеат во нив.

Градот Скопје субвенционира дел од трошоците за инсталирање печки за пелети во домаќинствата со цел да ги стимулира граѓаните да користат обновливи извори на енергија за затоплување на домовите со кои минимално ќе се загадуваат воздухот и почвата и кои не влијаат врз климатските промени.
 

Содржината е прочитана 426 пати.