Инфо

Првите 30 стечајци ги добија решенијата за обесштетување

Стечајните работници ќе добиваат по околу 7.500 денари месечно, исплатата ќе почне овој месец, но ќе важи ретроактивно од моментот кога е поднесено барањето

петок, 01 декември 2017

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ги додели првите решенија за обесштетување на 30-ина стечајни работници. Стечајците ќе добиваат по околу 7.500 денари месечно, а исплатата ќе почне овој месец, но ќе важи ретроактивно од моментот кога е поднесено барањето.

Согласно новиот Закон за обесштетување стечајни работници од фирми со доминантна државна сопственост, досега се позитивно решени 1.029 барања.

„Оваа бројка ќе се зголемува во иднина, бидејќи барања за обесштетување може да се поднесуваат до септември 2018 година. Исто така, не е затворена ниту листата со фирми, бидејќи како пристигнуваат барањата, така се проверуваат фирмите и се носат решенијата“, рече Царовска и појасни дека доколку се појават некакви проблеми со одредена група стечајни работници кои спаѓаат во оваа категорија, а нема да бидат опфатени со Законот, тогаш ќе се интервенира со амандмани или ќе се направи целосно нов закон.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска рече дека стечајните работници ќе ги добиваат решенијата на адресата што ја навеле во барањето, а оти сите податоци што се неопходни за решавање, се прибираат по службена должност и се обработуваат во соработка со Централниот регистар, Фондот на ПИОМ и Централниот депозитар на хартии од вредност.

Со Законот за материјално обезбедување на стечајните работници ќе бидат опфатени околу 3.000 стечајци. Законот се однесува на невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата по 1 јануари 1995 до 31 декември 2016 година. Притоа невработеното лице треба да било најмалку 15 години во работен однос во државно претпријатие, да му престанал работниот однос во такво претпријатие по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, на денот на влегување во сила на овој Закон да е на возраст од најмалку 52 години за жени или 55 години за мажи, ако работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2016 година и ако тоа лице остварило право на паричен надомест по 1 јануари 1995 година и по остварување на правото на паричен надомест не било вработено на неопределено време, односно, работниот однос не му престанал по негова волја и вина.

 

Содржината е прочитана 466 пати.