Инфо

ЕЛЕМ веќе нема да троши пари на проекти што немаат врска со производството на струја

Владата донесе одлука државната компанија да ги прекине сите несуштински проекти, како што се Рајска градина, скијачки центар на Водно, конгресен центар во Охрид, катна гаража во Охрид, жичарницата на Попова Шапка, автокамп „Ливадиште“ во Струга...

четврток, 07 декември 2017

Државната енергетска компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во иднина нема да троши државни пари на проекти што се надвор од основната дејност на компанијата. Владата донесе одлука ЕЛЕМ да ги прекине сите несуштински проекти и во иднина да се посвети исклучиво кон производство на електрична енергија.

„На АД ЕЛЕМ му се наложува да не почнува никакви инвестициски активности за проекти надвор од основната дејност, а непочнатите проекти да не влегуваат во инвестициската програма за 2018 година. Воедно Владата ѝ наложи на компанијата и да се испита можноста за раскинување на склучените договори за кои не е почната реализација, во случај да не постојат финансиски импликации“, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Оваа владина одлука, всушност значи дека ЕЛЕМ нема да ги гради Рајската градина во Аеродром, скијачкиот центар на Водно, конгресниот центар во Охрид, катната гаража во Охрид, жичарницата на Попова Шапка, автокампот „Ливадиште“ во Струга, пешачко–велосипедската патека на езерото „Козјак“, плажата во Дојран и скијачкиот центар „Копанки“ на Пелистер.

Новото раководство на ЕЛЕМ е задоволно од оваа владина одлука, бидејќи сега компанијата ќе може да се насочи кон својата основна дејност, а тоа е производство на струја.
 

Содржината е прочитана 412 пати.