Инфо

Во Македонија нема небезбедно млеко и млечни производи од „Лакталис“

ОД Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека сите производи што се увезуваат во земјата се контролираат од страна на официјални ветеринари на Агенцијата при увоз, при истовар и во прометот

вторник, 12 декември 2017

На македонскиот пазар нема пласирани небезбедни количини млеко и над 600 млечни производи на компанијата „Лакталис“, за кои француската влада соопшти дека се повлекуваат од продажба поради страв дека има опасност тие да се заразени со салмонела, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Од почетокот на годинава досега од „Лакталис“ во Република Македонија се увезени 103,4 тони млеко и млечни производи од нивни објекти во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, од Србија, како и од Германија. Од објектите на оваа компанија во Франција годинава биле увезени само 2,4 тони млечен производ топено сирење.

„Производите од оваа компанија, како и од другите производители што се увезуваат во земјата се контролираат од страна на официјалните ветеринари на Агенцијата при увоз, при истовар и во прометот. Во ноември годинава беа земени и испитани мостри од сирење од овој производител од објектот во Република Србија и тие беа негативни, односно во нив не е утврдено присуство на салмонела“ се наведува во соопштението на АХВ и се додава дека инспекциските служби на Агенцијата во моментот вршат контрола кај компанијата што ги увезува овие производи во Македонија.

„Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата ја следи состојбата и доколку се јави потреба, навреме ќе реагира со преземање соодветни мерки“, векат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

 

Содржината е прочитана 253 пати.