Инфо

ОБЈАВЕН КОНКУРС ЗА СПОРТСКИТЕ НАГРАДИ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА 2017 ГОДИНА

Сојузот на спортските федерации на Македонија денеска (12.12.2017 година, вторник) го објави Koнкурсот за доделување на награди и признанија во изборот на најуспешни спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје, за 2017 година

вторник, 12 декември 2017

Изборот на најуспешните спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје, се доделува за постигнати резултати во индивидуален и во клупски спорт во тековната година, на спортисти и тренери коишто настапуваат за спортски клубови, чие седиште е во Скопје.

Право на предлагање на кандидати за Изборот на најуспешните, имаат спортските клубови и нивните членови, чие седиште е во Скопје.

Предлозите за Избор на најуспешни спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје, се за следниве категории:

- Најуспешни 10 спортисти во сениорска категорија (мажи и жени);
- Најуспешни 5 спортисти во младинска категорија (мажи и жени);
- Најуспешен тренер;
- Најуспешна спортска екипа од Скопје;
- Најуспешен спортист/ка - странец кој настапува во екипа од Скопје и
- Најуспешен спортист/ка во категоријата на лица со посебни потреби.

Критериум за спортските остварувања се резултатите постигнати на олимписки, светски, европски првенства и други меѓународни натпреварувања.
На соодветните натпреварувања каде што е остварен спортскиот резултат, условите за номинирање на спортистите во поединечни спортови во изборот на најуспешни спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје се:

- На Светско првенство каде што учествуваат минимум 30 земји и на истото учествуваат најмалку 8 натпреварувачи во поединечна конкуренција и оствариле најмалку две победи;

- На Европско првенство каде што учествуваат минимум 15 земји и на истото учествуваат најмалку 8 натпреварувачи во поединечна конкуренција и оствариле најмалку две победи.

Клубовите и нивните членови од екипните спортови се рангираат преку настапи на големите натпреварувања, кои претходно учествуваат на натпревари во квалификациите и групите во европската лига на шампиони, евро лигите, европските купови и други регионални натпреварувања.

Предлозите за горенаведените спортски категории ги доставуваат спортските клубови и нивните членови, кои гравитираат на подрачјето на град Скопје, со уредна документација којашто треба да содржи: копија за регистрација на субјектот со седиште во Скопје, копија од регистрациска книшка на предложениот спортист/ка, тренер со право на настап на натпревари во тековната година, официјален документ за постигнатите спортски резултати објавени во билтени, веб-страници, код-системи и слично.

Јавниот оглас трае седум (7) дена сметано од денот на објавувањето (од 12.12. до 18.12.2017 година до 15 часот).

Предлозите се доставуваат во затворен и запечатен коверт, во секој работен ден од 08:30 до 15 часот во просториите на Сојузот на спортските федерации на Македонија, во галерискиот простор во салата Градски Парк, на улица бр.1732 Скопје, и во Град Скопје во Архива со назнака „Одделение за спорт” за „Избор на најуспешни спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје, за 2017 година“.

 

Koнкурсот за доделување на награди и признанија во изборот на најуспешни спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје, за 2017 година
можете да го подигнете на следниов линк:

www.skopje.gov.mk/Uploads/КОНКУРС%20за%20Избор%20на%20спортист%20на%20Град%20Скопје%20за%202017%20година,%2012%20Декември%202017.pdf
 

Содржината е прочитана 433 пати.