Инфо

Град Скопје со гаснење на огновите на отворено ќе го намалува загадувањето

Градоначалникот Петре Шилегов ги повика граѓаните да се јават на бесплатниот телефон 193 и да пријават доколку забележат дека горат огнови

четврток, 14 декември 2017

Градот Скопје отвори бесплатна телефонска линија 193 на која граѓаните ќе можат да пријават доколку забележат дека некој пали оган на отворено. Телефонскиот број ќе биде достапен 24 часа, а дежурни екипи од кол-центарот ќе ги процесуираат сите пријави. Формирани се и тимови со претставници од Градот, Министерството за труд и социјална поитика, МВР, Противпожарната бригада, Црвениот крст и од Здружението „Љубезност“ кои ќе патролираат исто така 24 часа.

„Граѓаните од денеска деноноќно може да пријавуваат огнови коишто горат на отворено и придонесуваат за загадување на воздухот. Оваа активност е дел од краткорочните мерки на Градот Скопје за справување со загадувањето“, рече градоначалникот Петре Шилегов, при претставувањето на новата мерка.

Палењето пластики, гуми, разни масла на отворено, во вакви студени денови најчесто претставува единствен начин на кој бездомниците се затоплуваат. Поради тоа, како што најави Шилегов, овие граѓани ќе бидат сместени во еден од згрижувачките центри на Градот.

Но, на бројот 193 може да се пријави и доколку биде забележано горење на диви депонии, или, пак, ако некои диви погони топат отпад.

Шилегов потенцираше дека ова е само една од неколкуте досега преземени мерки со кои треба да се влијае на намалувањето на загаденоста, како што е акцијата за чистење на Скопје. Ќе се преземаат и дополнителни, но како што рече, потребен е системски пристап во решавањето на проблемот и општеставена одговорност на сите нас како поединци. Во таа смисла потенцираше дека се работи на нов концепт за јавен превоз и на усогласување на деталните урбанистички планови на општините со Генералниот урбанистички план на Скопје, за да може да се стопира дивеењето во градбата.

Иницијативата што кружи по социјалните мрежи од родители да не ги пуштаат децата на училиште поради енормното загадување, градоначалникот ја оцени како евтин политички блеф на ситно, како популистичката политика што ја креираше ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период“.

„Моите информации се дека иницијативата е политички мотивирана со цел да се дискредитираат и локалната и централната власт во борбата против загадувањето. Градењето насекаде и на секој можен начин, масовното уништување на зеленилото и некреирањето политики и стратегии во изминатиот период е данокот кој го плаќаат граѓаните“, рече Шилегов.
 

Содржината е прочитана 294 пати.