Инфо

Загадувањето не попушта, деновиве заштитните маски се најпродаван производ

Во Скопје се потешко се дише. Тивкото време без ветер и дожд и маглата надополнета со смог уште повеќе го отежнува нормалното функционирање. Луѓето се нервозни, здравствените установи се се пополни

петок, 15 декември 2017

Загадувањето не попушта. Мерните станици се уште покажуваат огромна загаденост. И денеска најзагадено е во Карпош, Центар и кај Ректорат, каде концентрациите на ПМ10 честичките се по пет-шест пати повисоки од максимално дозволената граница од 50 микрограми на кубен метар.

Во Скопје се потешко се дише. Тивкото време без ветер и дожд и маглата надополнета со смог уште повеќе го отежнува нормалното функционирање. Луѓето се нервозни, здравствените установи се се пополни. Енормното загадување негативно влијае на здравјето на луѓето, а особено го чувствуваат хронично болните, повозрасните и децата.

Деновиве најпродаван производ во Скопје е заштитна маска. Големите концентрации на ПМ2,5 и ПМ10 честички во воздухот ги примораа скопјани да се снабдат со заштитни маски со филтер за активен јаглен. Но, од вчера вакви маски речиси е невозможно да се најдат. Аптеките се испразнети и иако постојано се прават нови набавки, маски нема ни за лек. Побарувачката е огромна, се бараат маски и за деца и за возрасни. Најевтините чинат 140 денари и нивниот рок на употреба е 120 часа, а најскапите се од 900 до 1.100 денари.

Деновиве на социјалните мрежи може да се забележат и голем број огласи на кои се нудат и разни видови прочистувачи на воздухот во просториите, кои, во зависност од големината, квадратурата што ја покроваат, но и од марката достигнуваат цени од 100 евра нагоре.

Веќе цела недела воздухот во Скопје тежи од отровни честички, а надлежните никако да предложат нешто конкретно, некоја моментална мерка која веднаш ќе даде, макар и минимален резултат. Се најавува намалување на цената на јавниот превоз со цел граѓаните да ги остават автомобилите дома и повеќе да се возат во автобус. Но, барем засега, се останува само на најава. А, не е ниту да се оди пеш, ниту, пак, со велосипед. Не зашто е студено, туку повеќе поради загадениот воздух, оти така луѓето повеќе ќе се изложат на влијанието на канцерогените честички. Нема ни препорака бремените жени и хронично болните да не одат на работа, нема забрана за работа на градилиштата, низ градот и натаму возат камиони и возила што испуштаат големи колични издувни гасови.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов почна да се справува со загадениот воздух со „лов“ на оние кои палат огнови на отворено и отвори бесплатна телефонска линија на која граѓаните можат да се јавуваат и да ги пријавуваат оние кои ги палат огновите. Тоа, несомнено е една од причините за загадениот воздух, но, секако, не е најголемиот извор на штетните честички.

Како расте загадувањето, така расте и револтот на граѓаните. Особено кога на некоја граѓанска иницијатива ќе ѝ се даде политичка конотација. Скопјани многу му се налутија на градскиот татко кој иницијативата да не ги пуштат децата во училиште еден ден наредната недела ја оквалификува како евтин политички блеф на популистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ. Поттикнати токму од ваквата негова изјава, граѓаните се самоорганизираат преку социјалните мрежи и утре (сабота) ќе одржат протест пред Владата, со почеток во 12 часот.

„Протестот не е организиран од политичка партија, организиран е од граѓани… организиран е од тебе, од мене, од твоите деца, од вашите родители, од сите нас кои дишеме загаден воздух“, се вели во повикот за протестот.

Шилегов, пак, најави дека како дел од мерките против загадувањето, е и новиот концепт за јавен превоз, на кој се уште се работи, потоа усогласувањето на деталните урбанистички планови на општините со Генералниот урбанистички план на Скопје за да запре неконтролираното градење.

А, додека да бидат овие мерки, од партијата ДОМ излегоа со свои предлог-мерки што може да се преземат веднаш денеска и со среднорочни мерки за период од еден до три месеци. Како итни мерки се предлага да се воведе возење автомобили пар-непар, бесплатен јавен превоз, забрана за тешки товарни возила низ град, забрана за возила под Еуро 4 стандард, затворање на градилиштата, како и преполовување на производството на индустриските објекти кои загадуваат. Дел од итните мерки на ДОМ се и редовното собирање на отпадот и редовното миење на улиците, но и зголемени инспекциски контроли. Партијата предлага да се ослободат од работа бремените жени и лицата со респираторни и кардиоваскуларни болести.

„Зелената“ партија предлага и повеќе среднорочни мерки, како што се субвенции за купување печки на пелети, сончеви панели за топла вода, за изолација на домовите, субвенции за вградување плински уреди во возилата што загадуваат, субвенции за хибридни и за електрични возила, набавка на електрични автобуси и пропишување листа на дозволени горива во домаќинствата и индустријата со забрана за нееколошки пелети со лепила.
 

Содржината е прочитана 765 пати.