Инфо

Со трипати повеќе пари Град Скопје ќе се бори против загадувањето наредната година

Во буџетот за 2018 година предвидени се субвенции за приватните превозници за да инсталираат уреди на гас и да набават нови автобуси со Еуро 5 и Еуро 6 стандарди, како и 1,6 милиони евра за купување зглобни електрични автобуси за ЈСП

понеделник, 18 декември 2017

Град Скопје наредната година ќе има речиси три пати повеќе пари за да се справува со еколошките проблеми отколку годинава. Во предлог-буџетот за 2018 година, во Секторот за заштита на животната средина се планирани 141 милиони денари, односно, 2,3 милиони евра, за разлика од ребалансираниот буџет за оваа година во кој имаше само 48 милиони денари, или 780.000 евра.

Во буџетот, што ќе биде на дневен ред на утрешната седница на Советот на Град Скопје, се предвидени 325.000 евра субвенции за приватните превозници во јавниот градски превоз за да инсталираат уреди на гас и да набават нови автобуси кои ги задоволуваат Еуро 5 и Еуро 6 стандарди, а за набавка на зглобни електрични автобуси за ЈСП се планирани средства во висина од 1,6 милиони евра. Околу 325.000 евра се предвидени и за субвенционирање бесплатен автобуски превоз во денови на алармантно загадување на воздухот.

Во 2018 година, со финансиска поддршка од Град Скопје, граѓаните ќе добијат субвенции при набавка на инвертери за затоплување, за што се обезбедени 160.000 евра. Од градскиот буџет ќе бидат обезбедени и околу 1,5 милиони евра за реконструкција на енергетско ефикасни фасади на училиштата и околу 20.000 евра за набавка на прочистувачи на воздухот за училниците. За кофинансирање изработка на зелени покриви со соодветни институции, во новиот буџет ќе бидат обезбедени 160.000 евра.

Исто така, Градот ќе продолжи и со мерката за субвенционирање при набавка на печки на пелети, за што се наменети 240.000 евра, а ќе бидат обезбедени и финансиски средства во висина од 26.000 евра за обука на оџачари.

Од Град Скопје информираат дека буџетот предвидува и дополнителни проекти кои директно или индиректно влијаат во заштитата на животната средина, како што е изградба, одржување и реконструкција на велосипедски патеки, каде средствата се зголемени за трипати и изнесуваат безмалку половина милион евра, а ќе продолжи и поддршката за граѓаните при купување велосипеди, за што се предвидени дополнителни субвенции од 160.000 евра.
 

Содржината е прочитана 565 пати.