Инфо

Се отвора втор „Џамбо“ маркет во Битола

Инвестицијата на компанијата „Веропулос“ е вредна над еден милион евра. Во маркетот ќе бидат вработени 36 лица

вторник, 19 декември 2017

Компанијата „Веропулос“ утре во Битола ќе го отвори вториот „Џамбо“ маркет во градот под Пелистер и четврт во земјава. Големото отворање што ќе биде придружено со спектакуларна целодневна забава за најмладите и со Божикна забава за целото семејство ќе биде во осум часот.

Грчката компанија стана сопственик на новата зграда во Битола во која е сместен „Џамбо“ маркетот и новата инвестиција стана вредна повеќе од еден милион евра. Во овој маркет ќе бидат вработени 36 лица, со што вкупната бројка на вработени во компанијата „Веропулос“ во земјава ќе достигне 1.050 луѓе.

Од менаџментот на „Веропулос“ истакнуваат дека брендот „Џамбо“ веќе е етаблиран на овој пазар, а бројот на потрошувачи расте од година во година.

„Токму поради оваа причина отворањето на уште еден ‘Џамбо’ маркет беше неопходно. ‘Џамбо’ е место за целото семејство, каде што секој член може да најде нешто за себе, а сите заедно поминуваат квалитетно време во дружење. Оваа наша нова инвестиција е уште еден доказ за успешното работење на компанијата ‘Веропулос’ на овој пазар веќе две децении. Но, нема да застанеме тука и за следната година планираме уште проширувања“, вели Лукас Бисиас, генерален директор на „Веропулос“ во Македонија и најави дека во 2018 година е планирано отворање на нов „Веро“ маркет во скопската општина Карпош, како и големo реновирање и проширување на маркетот во Тафталиџе.

Освен на четирите „Џамбо“ маркети, „Веропулос“ во земјава е сопственик и на 11 „Веро“ маркети во три градови. Од нив, 7 маркети се во Скопје и по два маркета има во Битола и во Тетово. Компанијата ја поседува и франшизата за рестораните за брза храна „Гудис“.

 

Содржината е прочитана 557 пати.