Инфо

Град Скопје со помал буџет за наредната година, но со повеќе пари за животната средина

Буџетот на Скопје за 2018 година е проектиран на 6,2 милијарди денари и е за 10 проценти помал од годинашниот, но за животната средина се предвидени 141 милион денари, што е трипати повеќе отколку сега

среда, 20 декември 2017

Град Скопје ќе има за 10 проценти помал буџет во 2018 година, но многу повеќе пари ќе се трошат за заштита на животната средина. Советниците на Град Скопје го усвоија Предлог-буџетот за наредната година, кој ќе изнесува 6,2 милијарди денари, од кои 141 милиони денари се предвидени за животната средина, а тоа е за трипати повеќе отколку што има сега.

„Новиот буџет ќе претставува сублимат од веќе започнати проекти и нови поинакви проекти. Преземените обврски од започнатите проекти ќе се реализираат. За 2018 година вкупниот буџет на Град Скопје е за 10 проценти помал од оној во 2017 година. Сепак, акцентот го ставивме на подобрување на животната средина, развивање на транспортната мрежа, дел за патната инфраструктура, комуналната инфраструктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат за подобар економски раст и за развој на нашиот град“, рече градоначалникот, Петре Шилегов.

Градот идната година ќе се фокусира на проекти со кои ќе се справува со загадениот воздух. За таа цел 100 милиони денари се планирани за субвенционирање набавка на електрични зглобни автобуси за ЈСП и 20 милиони денари за приватните превозници за да инсталираат уреди за гас и да купат автобуси со Еуро 5 и Еуро 6 стандарди. А, за бесплатен превоз со ЈСП во деновите на енормно загадување на воздухот ќе бидат издвоени 20 милиони денари.

Во буџетот на Град Скопје за наредната година се предвидени и 15 милиони денари за субвенционирање на домаќинствата за купување печки на пелети, 10 милиони денари за купување инвертер клима уреди во домаќинствата, како и 12 милиони денари за набавка на прочистувачи на воздухот во средните училишта. За енергетско ефикасни фасади на училиштата што се под ингеренции на Град Скопје ќе бидат распределени 90 милиони денари.

Како што рече Шилегов, Градот в година ќе продолжи со реализација на веќе започнатите проекти, како што е изградбата на нови велосипедски, пешачки и трим-патеки и со субвенционирањето нови велосипеди, но ќе се финансираат и проекти за подигнување на ново јавно зеленило на магистралните улици, за изведба на зелени покривни површини на станбени згради, како и проекти за некои сообраќајници кои би можеле да ги решат сообраќајните проблеми во одделни делови од градот.
 

Содржината е прочитана 286 пати.