Инфо

Нова услуга на УЈП „Закажи средб@“

Новата услуга што ќе биде задолжителна од мај 2018 година, засега е достапна само за даночните услуги на Регионалната дирекција Скопје

среда, 20 декември 2017

Управата за јавни приходи (УЈП) воведе нова услуга „Закажи средб@“ која може да се користи он-лајн или преку Инфо центарот на УЈП.

Новата услуга во моментов е достапна само за даночните услуги на Регионалната дирекција Скопје, а ќе биде задолжителна од 1 мај 2018 година.

Со услугата „Закажи средб@“ се закажува термин за средба со даночни агенти во Регионалната дирекција Скопје, во време кое му одговара на даночниот обврзник, а со цел консултација за прашања што се однесуваат на: општи информации (рокови, начини за пријавување и плаќање даноци и др.), отворање на бизнис и регистрација на даночен обврзник, консултации за издадени даночни документи, утврдување даноци, постапки за наплата на долгови и правни прашања.

За да се закаже средба треба да се повика Инфо центарот на телефонските броеви 0800 33 000 и 02/3253 200, или, пак, он-лајн, преку веб-страницата на Контакт центарот kontaktcentar.ujp.gov.mk, која овозможува пристап до услугата „Закажи средб@“.

„Даночните обврзници со седиште во Скопје и кои се администранти во Регионалната дирекција Скопје, а кои претходно ќе закажат термин за средба со даночен агент преку ‘Закажи средб@’, ќе имаат предност во однос на останатите обврзници при добивање на услугите во УЈП“, велат од Управата.
 

Содржината е прочитана 308 пати.