Инфо

Македонија доби 9 милиони евра грант од Германија

Четири милиони евра се наменети за Програма за наводнување на јужната долина на Вардар, а пет милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во општините Гевгелија и Кавадарци

среда, 20 декември 2017

Германија, преку КФВ банката ѝ додели грант во висина од 9 милиони евра на Македонија за два проекта. За Програма за наводнување на јужната долина на реката Вардар се предвидени четири милиони, додека пет милиони евра се наменети за подобрување на водоснабдувањето во општините Гевгелија и Кавадарци.

За таа цел денеска беше потпишана Спогодба за финансиска поддршка меѓу владите на Македонија и на Германија и два договора за грант.

„Најсилна потврда дека успешната соработка меѓу нашите земји продолжува и во следниот период е денешниот настан на кој германската Влада преку КФВ банката доделува девет милиони евра неповратни финансиски средства за реализација на две значајни развојни програми за Македонија“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски и истакна дека со германска помош преку Програмата за водовод и канализација веќе е обезбедено одржливо водоснабдување на околу 400.000 жители од општините Битола, Гостивар, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Радовиш, Кочани и Тетово.

Амбасадорот на Германија, Томас Герберих потенцираше дека од 1999 година Германија на Македонија ѝ има ставено на располагање 320 милиони евра за реализација на бројни проекти кои придонесуваат за подобрување на животот на граѓаните.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, пак, рече проектот за наводнување на јужната долина на Вардар има за цел да ги подобри условите за живот на населението во тој дел преку одржливо управување со природните ресурси, особено водните, што на крај ќе придонесе кон зголемување на просечниот интензитет на засаденост и зголемување на приносите на главните култури. Во првата фаза од овој проект беа изградени четири модерни системи за наводнување – Паљурци, Миравци, Негорци/Прдејци и Удово на површина од околу 2.600 хектари, додека во втората фаза, за која е доделен овој грант, треба да се изгради систем за наводнување што ќе покрие површина од 2.050 хектари во регионот на Валандово.

Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески најновиот договор значи започнување нов циклус инвестиции во водоводната и канализациската мрежа во секое населено место каде има таква потреба. За оваа намена на располагање остануваат уште три милиони евра обезбедени преку заем од КФВ банката и 500.000 евра од буџетот кои се наменети за проекти за водоснабдување за општините Радовиш, Кавадарци и Гостивар.
 

Содржината е прочитана 264 пати.