Инфо

Нов полнач за електрични возила пред ЗООлошката градина во Скопје

Полначот е поставен како резултат на соработката помеѓу „ЕВН Македонија“, Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“

среда, 20 декември 2017

На паркингот пред Зоолошката градина во Скопје денеска беше промовиран нов полнач за електрични возила. Полначот е поставен како резултат на соработката помеѓу „ЕВН Македонија“, Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“.

Потенцирајќи дека сообраќајот е еден од изворите на загадување, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов истакна дека поддршката од „ЕВН Македонија“ е од големо значење во борбата против загадениот воздух, бидејќи испраќа една јасна порака дека за поздрав и почист град одговорни сме сите и сите може да придонесеме.

„Целта е набргу и јавниот превоз да користи електрична енергија. Се надеваме дека на скопските улици ќе можеме да видиме и електрични такси-возила и други видови превозни средства кои се на електричен погон. Ќе работиме и со Владата на нови законски решенија кои ќе овозможат поширока употреба на електричните возила“, рече Шилегов.

„ЕВН Македонија“, освен што активно учествува во поставување полначи, за свои работни потреби користи и електрично возило и со тоа директно придонесува во подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на животната средина и намалување на штетните гасови.

„Користењето електрична енергија за оваа намена позитивно влијае на околината. Нормално е луѓето да се двоумат дали да купат електрично возило пред да бидат поставени полначи или по нивното поставување. Токму затоа ЕВН сакаше да им олесни на граѓаните преку поставување на овие полначи, а кога ќе процениме дека тие не се доволни за потребите на растечкиот број корисници на овој вид возила, ќе се потрудиме да инсталираме дополнителни“, истакна Штефан Петер, претседател на УО на „ЕВН Македонија“,.

Полначи за електрични возила се инсталирани на неколку локации во Скопје. Сопствениците на вакви возила имаат можност бесплатно да ги полнат кај плоштадот „Македонија“, Зоолошката градина, „Рамстор“ во Центар и „Капитол мол“.
 

Содржината е прочитана 377 пати.