Инфо

На Македонија ѝ е потребна стратегија за развој на туризмот

Иако има раст на девизниот прилив и на приходите од туризмот, туристичките работници велат дека недостига контрола на нелојалната конкуренција. А, тоа може да се реши преку законски измени

четврток, 21 декември 2017

За да се оствари предвидениот раст на туризмот од 15 проценти, неопходна е стратегија за развој на туризмот, која, според најавите на надлежните, се очекува да биде изготвена до крајот на јануари наредната година. Стратегијата треба да овозможи развој на туристичките зони, изградба на инфраструктура и зголемување на бројот на хотелски сместувачки капацитети.

Туристичките работници, пак, бараат измени во законите за туристичка дејност. Иако податоците покажуваат дека има раст на девизниот прилив и на приходите од туризмот, туристичките работници велат дека недостига контрола на нелојалната конкуренција. А, тоа може да се реши преку законски измени.

Измените на законите за туристичка и за угостиелска дејност ќе ги подготвува работна група составена од претставници на Министерството за економија, од локалната самоуправа, планските региони, од факултетите за туризам и угостителство, од Државниот пазарен инспекторат, стопанските комори и од приватниот сектор.

На панел дискусијата на тема „Измена и дополнување на законската регулатива“ што се одржа во рамки на Конференцијата за развој на туризмот во Република Македонија беа изнесени повеќе предлози. Така, беше предложено да се ограничи важноста на лиценците за туристичка дејност на три години, да се воведе нова лиценца за тур-оператори, аранжманите да се осигуруваат, туристичките водичи да поседуваат лиценци со одреден рок, како и да зајакнат контролите на нерегистрираните агенции и водичи за да се спречи нелојалната конкуренција.

Што се однесува до Законот за угостителска дејност, беше предложено да се направи измена на Правилникот за категоризација на сите угостителски објекти за сместување и за исхрана, со цел да се вреднува услугата, да се регулира продажбата преку он-лајн оператори, да се воведе електронски систем за пријавување туристи, да се регулира таксата за привремен престој и да зајакне контрлата на нерегистрираните угостителски објекти.

Усогласените измени на законската регулатива треба да бидат доставени до Владата до првата половина на февруари идната година.
 

Содржината е прочитана 352 пати.