Инфо

Цената од 70 денари за квадрат градежно земјиште важи само за 58 општини и за изградба на објекти од социјална категорија

Државното земјиште што ќе се продава со непосредната спогодба и за дооформување градежна парцела

четврток, 21 декември 2017

Цената од 70 денари по квадрат, по која со непосредна спогодба ќе се продава градежното земјште во државна сопственост ќе важи само за 58 општини во реоните пет и шест и исклучиво за дооформување градежна парцела наменета за изградба на објекти од социјална категорија, односно, за ученички или студентски домови, како и домови за престој на стари лица, за деца без родители или за незгрижени лица.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска појасни дека останатото земјиште сопственост на Република Македонија и натаму ќе се продава со јавен повик. Изградбата на социјалните објекти ќе се одвива соогласно постојните урбанистички планови, а изборот на општините е направен врз основа на проценките за интерес за изградба на објекти за ваква намена, како и од потребата да се поттикне развојот во одредени општини.

„Одлуката за намалување на цената е дел од нашите реформски цели со кои сакаме да го стимулираме градежниот сектор. Истовремено, ова е значајна социјална мерка со која ќе се овозможи згрижување и подобрување на условите за домување и престој“, рече Сугарески.
 

Содржината е прочитана 445 пати.