Инфо

Кавадарци и Гевгелија рекоа „не“ за рудници на Кожуф

Советите на двете општини не се согласија да се додели концесија за геолошки истражувања за металични минерални суровни на локалитетот Матушница Исток

петок, 22 декември 2017

Советите на општините Кавадарци и Гевгелија не се согласија да се додели нова концесија за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини на планината Кожуф. Министерството за економија побара мислење од двете општини за издавање концесија за локалитетот Матушница Исток, на што општинските совети одговорија дека се против да се прават какви било детални геолошки истражувања на локалитетот кој е во непосредна близина на изворот „Лукар“, од каде со вода за пиење се снабдуваат десетици илјади жители на Кавадарци, Росоман и Неготино.

,,Евентуалното бушење на локалитетот Матушница – Исток за детални геолошки истражувања може да предизвика последици и врз локалитетот Лукар, кој е заштитено подрачје. Може да се загадат изворите или да секнат истите од кои со вода се снабдуваат десетици илјади жители од Кавадарци, Неготино и Росоман. Од таа приичина дадовме негативно мислење“, изјави Ристо Шакалиев, претседател на Советот на Кавадарци.

Негативно мислење дадоа и гевгелиските советници. А, додека се одржуваше седницата, пред Општина Гевгелија се собраа голем број активисти кои повторно го изразија својот став околу проблемот. Во април годинава Гевгелија одржа референдум на кој околу 13.000 гевгеличани се изјаснија против отворање рудници на Кожуф. Притоа граѓаните ги обвраа локалните власти да не даваат позитивно мислење за рудниците.

Министерството за економија побара мислење од локалните власти за добивање концесија за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини на барање на канадската компанија која пред две години добила дозвола за проспекциски истражувања, а согласно Законот, за да ја продолжи постапката треба да добие концесија, за што се потребни позитивни мислења од општините на чии територии се вршат деталните геолошки истражувања.
 

Содржината е прочитана 426 пати.