Инфо

Околу 380 милиони евра ќе ги чини скопјани борбата со аерозагадувањето

Средствата би се искористиле за проширување на системот на топлификација во Скопје, за спроведување мерки за енергетска ефикасност на објектите и за менување на уредите за греење во домаќинствата

петок, 22 декември 2017

Околу 380 милиони евра, или по 50 денари дневно ќе треба да одвојуваат граѓаните на Скопје во наредните осум години за да се намали загадувањето на воздухот до 50 отсто. Средствата би се искористиле за проширување на системот на топлификација во главниот град, за спроведување мерки за енергетска ефикасност на објектите и за менување на уредите за греење во домаќинствата.

Овој податок на научниците од МАНУ беше презентиран на трибината за можностите за намалување на загадувањето предизвикано од греењето на домаќинствата што се одржа во Штип.

„Предлагаме три мерки, а тоа се ефикасни домови, односно изолација на домовите, обнова на уредите што се користат за греење и приклучување кон топлификацискиот систем. Тоа, според некои наши пресметки, излегува околу 380 милиони евра, или отприлика во период од 2017 до 2025 година секое семејство во Скопје треба да издвојува по 50 денари дневно за да се реализираат овие мерки“, рече Александар Дединец од МАНУ и појасни дека доколку граѓаните и Градот Скопје инвестираат во изолација на објектите, во замена на печките на дрва со печки на пелети или со друг посовремен начин на греење и со поголемо приклучување на домаќинствата на централното греење, тогаш загадувањето на воздухот ќе се намали за 50 проценти во однос на загадувањето во 2015 година.

За да може загадувањето да се преполови до 2025 година неопходно е заеднички да делуваат и граѓаните и централната и локалната власт.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули појсни дека последиците од аерозагадувањето ја чинат државата 325 милиони евра годишно, што значи дека секоја инвестиција под овој износ ќе биде исплатлива. Тој посочи дека веќе имаат мапирано неколку локации во Скопје каде што експериментално ќе се применат предложените мерки.

„Со помош на УНДП сакаме тоа практично да го покажеме. Лоциравме неколку места во Скопје каде што со промена на типот на загревање ќе покажеме дека проблемот може да се реши. Се разбира, го имаме предвид социјалниот аспект. Но, здравјето на граѓаните, пред сè, е доминатно во политиките на Владата“, рече Макрадули.
 

Содржината е прочитана 400 пати.