Инфо

Охрид ги намалува цените за гостите од најзагадените градови во Македонија

Иницијативата на хотелиерите има за цел да им овозможи на жителите кои секоја зима мака мачат со загадувањето барем неколку дена да подишат чист воздух и да уживаат во гостопримството што го нуди Охрид

понеделник, 25 декември 2017

Охридските хотели ги намалуваат цените на своите услуги за сите граѓани кои доаѓаат од најзагадените градови во Македонија. Тоа значи дека жителите на Скопје, Тетово, Битола и на другите градови кои се борат со загадувањето ќе можат во наредниот период да поминат неколку дена во Охрид и да дишат чист воздух.

Иницијативата е на хотелиерите и на неа се потпишани поголем дел од хотелите во градот. Целта е да им се овозможи на жителите кои секоја зима мака мачат со загадувањето барем неколку дена да подишат чист воздух и да уживаат во гостопримството што го нуди Охрид.

„Ќе има намалување на цените за жителите на градовите коишто имаат висока загаденост. Ова е можност сите гости од тие градови да дојдат во Охрид и да престојуваат по намалени цени. На таков начин Охрид ќе покаже една гостопримливост која што, секако ја имаме како град, меѓутоа, во овој случај ова би имало и хуманитарен аспект“, рече Јован Стојаноски, градоначалник на Охрид.

Некои од хотелите ќе нудат дури и до 50 отсто пониска цена за ноќевање.

„Гостите од Скопје, Тетово, Битола кои живеат таму и имаат лични карти од тие градови можат да престојуваат во текот на јануари и февруари по цена од 990 денари, што е за 50 отсто пониска од нормалната цена. На луѓето им нудиме нешто невообичаено, за помалку пари да дојдат и да дишат чист воздух“, изјави Перо Кутиноски, менаџер на хотел „Гранит“ кој се надева дека ќе има интерес, бидејки станува збор за аранжмани на база на полупансиони.

За локалната власт политиката на намалување на цените е добар чекор за соработка со локалната бизнис заедница, но и за привлекување повеќе гости во Охрид.

Од друга страна, пак, македонскиот Ерусалим веќе наголемо се подготвува за зимската сезона и за претстојните празници. Иако, поради ограничениот буџет нема да има голема прослава за Новогодишната ноќ, сепак, забава нема да недостасува, а предвидени се и други содржини кои треба да привлечат голем број гости, како чоколадна улица и Божикен базар.

„Тука е чоколадната улица каде што ќе бидат поставени нови тезги на кои производителите на слаткарски производи ќе можат да се претставуваат. Имаме нов вид на украсување на градот, нова куќичка, ќе се случуваат секојдневни настани, особено за забава на младите. Ѕвезда нема да има поради тоа што сме ограничени со буџетските средства, но беше и прекраток периодот да се договориме со локалната економска заедница. Но, пречек, секако ќе има, иако во еден мал обем на забава“, вели градоначалникот Стојановски.
 

Содржината е прочитана 490 пати.