Инфо

Пресечени бадниковите гранчиња, годинава нема да има палење огнови на отворено

Градоначалниците на скопските општини донесоа заедничка одлука општините да не доделуваат дрва за бадникови огнови, со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот

понеделник, 25 декември 2017

Годинешниот бадников кум, Влатко Огненовски – Шеф и здравичарот Стефан Хаџи Николов – Штеф, заедно со минатогодишниот кум, повеќе поранешни кумови, здравичари, свештени лица и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ги пресекоа првите бадникови гранчиња. Традиционалното собирање бадникови гранки во месноста Краста на падините на Водно, е во пресрет на прославата што по повод Бадник веќе 26 години ја организира Здружението за традиционална прослава на Бадник, кога на 6 јануари пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ на верниците им се делат бадниковите гранчиња.

Градоначалникот Шилегов ја искористи можноста да ги повика граѓаните на Скопје да се воздржат од палењето отворени огнови за Бадник. Овој апел беше усогласен на петочниот работен состанок со градоначалниците на сите скопски општини кои донесоа заедничка одлука општините да не доделуваат дрва за бадникови огнови, со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот.

„Апелирам до скопјани да не се палат огнови на отворено, со цел да го заштитиме амбиенталниот воздух. Да се посветиме на иднината и да водиме сметка за здравјето на децата. Ја продолжуваме традицијата на пресекување бадникови гранчиња кои се симбол на радоста и среќата, со која започнуваат подготовките за прославата на Бадник“, рече Шилегов.
 

Содржината е прочитана 469 пати.