Инфо

Со СМС или на е-маил Град Скопје ќе ги информира граѓаните за статусот на нивниот предмет или за даночната обврска

Новата услуга за граѓаните ќе стартува во почетокот на 2018 година

понеделник, 25 декември 2017

Град Скопје во почетокот на 2018 година ќе стартува со нова услуга за граѓаните. Се воведува нов софтвер што ќе овозможи преку СМС или на е-маил даночните обврзници да добиваат навремени информации за статусот на нивниот предмет поднесен во Град Скопје, или за нивната даночна обврска.

„Откако го продолживме работното време до 19,30 часот на шалтерите во бараката со број 16, воведуваме уште една новина со која услугите би биле поедноставни и подостапни за секој сограѓанин. Во почетокот на 2018 година ќе биде пуштен во употреба софтвер со кој ќе ги поштедиме граѓаните од стресот и изгубеното време на шалтерите. Со овој софтвер овозможуваме по пат на СМС или на е-маил даночните обврзници да добиваат навремени информации поврзани со статусот на нивниот предмет или даночна обврска. По прием на предметот, граѓанинот ќе добие потврда по СМС дека предметот е примен, а понатаму, до крајот на постапката, ќе добива нови пораки со соодветна информација за секоја промена на статусот на предметот“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Истовремено, на официјалниот интернет портал на Град Скопје ќе се активира и делот за проверка на имот или за финансиска состојба поврзана со данокот на имот или со фирмарината.
 

Содржината е прочитана 392 пати.