Инфо

„ТУИ Холандија“ воведува сезонски летови од Ајндховен до Охрид

Авионите на холандскиот тур-оператор ќе летаат на новата линија секој понеделник и петок, од 11 мај до 21 септември

вторник, 26 декември 2017

Холандскиот тур-оператор „ТУИ Холандија“ од мај наредната година ќе воведе втора конекција со охридскиот аеродром. За летната сезона 2018 ќе има нови сезонски летови од Ајндховен до Охрид, коишто ќе бидат реализирани со сопствената авиокомпанија „ТУИ флај“, објавува ТАВ Македонија.

„ТУИ“ веќе лета на линијата Амстердам-Охрид-Амстердам со холандски туристи. Авионите на холандскиот тур-оператор ќе летаат на новата линија секој понеделник и петок, поврзувајќи ги аеродромите во Ајндховен и во Охрид. Ајндховен се наоѓа во јужниот дел од Холандија и е блиску до белгиската граница.

„Веќе сообраќаме на линијата Амстердам–Охрид, а сега ќе почнеме со летови од Ајндховен до Охрид, два пати неделно, односно секој понеделник и петок, почнувајќи од 11 мај до 21 септември. Главната причина за воведување на оваа сезонска линија е поради тоа што сакаме да привлечеме туристи и од Белгија. Сигурни сме дека можеме да го прошириме пазарот“, изјави Жак Кријнон, продукт-менаџер во „ТУИ Бенелукс“.

Сезонските летови од Ајндховен треба да донесат од 3.000 до 3.500 патници на охридскиот аеродром, додека вклучувајќи ги и летовите од Амстердам, „ТУИ“ очекува да донесе вкупно 15.000 туристи во Охрид следната година.

„Среќни сме што ‘ТУИ’ ги проширува своите операции носејќи повеќе патници на охридскиот аеродром, што значи повеќе туристи на прекрасната охридска ривиера. Се надеваме дека овие тури ќе привлечат туристи не само од Холандија, туку и од други европски земји кои ќе ги откријат природните убавини на Македонија и ќе станат редовни посетители“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

ТАВ Македонија ги заврши првите 11 месеци од 2017 година со 13 проценти раст на бројот на патници, достигнувајќи речиси 1,9 милиони патници на двата македонски аеродрома. Паралелно е зголемен и бројот на летови за 7 отсто, достигнувајќи вкупно 16.756 летови.
 

Содржината е прочитана 374 пати.