Инфо

На ГТЦ ќе му се враќа стариот сјај

Раководството на најстариот трговски центар во земјава најавува повеќе проекти за реновирање на објектот, како што е реконструкција на фасадата, на покривот, на ескалаторите

среда, 27 декември 2017

Градскиот трговски центар во Скопје (ГТЦ) ќе ја враќа атрактивноста со повеќе зафати со кои треба да се подобри неговата моментална состојба. Новиот директор Ѓоко Трајчевски вели дека ГТЦ сигурно нема да добие барокна фасада, но, оти предвидените проекти што ќе се реализираат ќе му го вратат стариот сјај на модерен трговски центар.

„ГТЦ го затекнав во катастрофална состојба. За овие неколку месеци презедов неколку проекти со цел да се подобри состојбата. Ги ставивме во функција сите неисправни лифтови, а има и проект за реновирање на јавните тоалети. Имевме средба со стопанствениците кои имаат локали во ГТЦ и договоривме да се отворат нови девет дуќани кои стоеја заклучени“, вели Трајчевски.

Тој потенцира дека наредната година ќе бидат реновирани ескалаторите, фасадата и ќе се изврши поправка на покривот на објектот. Исто така, во план е да се вратат и автобуските постојки на линиите со број „50“ и „59“ во подрумот на ГТЦ, со цел да се заживее подрумскиот дел на трговскиот. Трајчевски појаснува дека веќе се преговара со ЈСП на овие линии да се пуштат во сообраќај едноподни автобуси, бидејќи двокатните не можат да поминат под ГТЦ.

Уште деновиве се стартува со намерата да му се врати изгубената атрактивност на ГТЦ, па во наредните три дена ќе се одржи музички хепенинг насловен „Размрдај го ГТЦ“, на кој ќе настапат бројни музички уметници, бендови и диџеи. А, за најмладите е подготвена специјална детска програма со дедомразовци и други изненадувања
 

Содржината е прочитана 1625 пати.