Инфо

НБРМ пушти во оптек четири вида ковани пари за колекционери

Централната банка ги издаде кованите пари „Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија“, „Тркало на среќата“, „Јарец“ и „Водолија“

среда, 27 декември 2017

Народната банка издаде и пушти во оптек четири вида ковани пари за колекционерски цели. Станува збор за парите: „Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија“, „Тркало на среќата“, како и „Јарец“ и „Водолија“ од серијата „Хороскопски знаци“.

Кованата пара „Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија“ е изработенa од сребро, со тежина на среброто од 31,1 грам, чистота на среброто од 28,77 грама и е во форма на правоаголник со димензии 30 на 45 милиметри. Нејзината цена изнесува 3.800 денари.

Кај кованата пара „Тркало на среќата“ на аверсот, во средина на монетата е претставен грбот на Република Македонија, додека, пак, реверсот на монетата има облик на старо колско тркало. Во средината е претставена копија од реверсот на златната римска монета ауреус со божицата Фортуна Августа со натписите: „Фортуна“ и „Августа“. Околу монетата е претставен натписот: „Тркало на среќата“ (на англиски и на руски јазик). Оваа кована пара е изработена од сребро, со тежина на среброто од 11,80 грама, чистота на среброто од 11,80 грама и во кружна форма со димензија 35 милиметри. Цената ѝ е 2.400 денари.

Кованите пари „Јарец” и „Водолија“, од серијата „Хороскопски знаци“, се изработени од сребро и имаат идентични димензии. Тежината на среброто е 23,30 грама, имаат квадратна форма со димензии 37 на 37 милиметри, полирани се со позлата и вметнато кобалтно стакленце со димензии 18,4 на 6,1 милиметри. Цената им е исто така идентична, 2.800 денари.

Сите колекционери можат да добијат дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија.
 

Содржината е прочитана 430 пати.