Инфо

Буџетот на Град Скопје за 2018 помал за 10 отсто, но со повеќе пари за животната средина

Новиот буџет е проектиран на 6,2 милијарди денари. Парите ќе се трошат за заштита на животната средина, за подобрување на инфраструктурата, на хигиената во градот, на јавниот превоз

петок, 29 декември 2017

Буџетот на Град Скопје за 2018 година е проектиран на 6,2 милијарди денари и е за 10 проценти помал од годинешниот. Скратено е кај непродуктивните трошоци, но повеќе пари се предвидени за животната средина.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов потенцираше дека новиот буџет се заснова на реални приходи и расходи и оти буџетските средства ќе се користат строго наменски, транспарентно, домаќински и одговорно, преку редовно известување за сработеното.

„Скопје, со новиот буџет започнува да се трансформира, ќе бидете горди што ќе бидете дел од новата приказна. Продолжуваме со проекти што се за доброто на граѓаните. Истовремено ќе почнеме и со нови проекти и тоа за животната средина, за подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, за подобрување на хигиената во градот, за јавниот превоз....“, рече Шилегов.

Буџетот за 2018 година е сублимат од веќе започнатите проекти кои, како што нагласи градоначалникот, не може да се игнорираат, но и од нови поинакви проекти.

„Акцентот го ставаме на подобрување на животната средина, на развивање на транспортната мрежа, дел за патната инфраструктура, комуналната инфрастуктура, на изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции кои ќе придонесат индиректно и за подобар економски раст и развој на нашиот град. Коалицијата О2 не обврза буџетот за заштита на животна средина и природа да не биде под 3,5 отсто од вкупниот буџет на Град Скопје, а ние предвидовме 4,2 отсто“, рече Шилегов и потенцираше дека за секторот за животна средина во 2018 година се наменети 141.200.000 денари.

Тој појасни дека за наредната година, се предвидуваат 30 милиони денари за велосипедски патеки, што е трипати повеќе отколку што имаше во 2017. За набавка на корпи за отпадоци и за клупи ќе се одвојат 10 милиони денари, за бесплатен превоз на сите средношколци во Скопје се предвидени 18 милиони денари, за енергетско-ефикасни фасади на сите средни училишта 90 милиони денари, за набавка на прочистувачи на воздухот за училниците во средните училишта 12 милиони денари, а 10 милиони денари ќе бидат обезбедени за изградба на зелени покриви.

„Продолжуваме со субвенционирање на купувањето печки на пелети, како и на купувањето нови велосипеди. Обезбедуваме субвенциии за граѓаните за набавка на инвертери за затоплување, во вкупна вредност од 10 милиони денари. Издвојуваме 6 милиони денари за оптимален модел на мрежата на линии на јавниот градски превоз и субвенционираме набавка на екоавтобуси на ЈСП во висина од 100 милиони денари. Ќе обезбедиме системско решавање на проблемот со кучињата скитници преку подобрување на условите во ‘Вардариште’ за што предвидовме 10 милиони денари, како и преку изготвување регистар на домашни и на кучиња скитници“, рече Шилегов.

Новите сообраќајни решенија, пак, кои треба да го решат сообраќајниот метеж низ градот ќе ги чекаат проектите што допрва ќе се прават догодина, бидејќи такви до сега немало. А, веќе започнатите активности на сообраќајниците ќе бидат продолжени.
 

Содржината е прочитана 300 пати.