Инфо

Нова шанса за легализација на дивоградбите

Од денеска па до крај на годинава можат повторно да се поднесуваат барања за легализација на бесправно изградените објекти

вторник, 02 јануари 2018

Граѓаните имаат нова шанса да ги озаконат бесправно изградените објекти и од денесека повторно можат да поднесуваат барања за легализација на дивоградбите. Со најновите измени на Законот за третман на бесправно изградени обкети е определен дополнителен рок за поднесување барање за легализација до крајот на годинава, како и нов рок за комплетирање на документацијата, до крајот на јуни оваа година.

Услов за легализација на објекотот е тој да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година, како што се предвидуваше и со првото законско решение. Барањата се поднесуваат во општините на чија територија се наоѓа дивоградбата, а подносителите треба да приложат сметка за платена струја или вода.

„Во првиот рок од 1 јануари до 30 јуни 2018 година барање ќе можат да поднесат само оние кои претходно не поднеле комплетна документација. Сега ќе можат повторно да го сторат тоа во овој шестмесечен рок, но мора да поднесат барање со комплетна документација. Вториот рок, од 1 јануари до 31 декември ќе можат да поднесуваат барање сите оние граѓани кои не поднеле претходно. Значи, овој рок е за сите кои до сега не поднеле никакво барање“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

На почетокот на процесот на легализација на бесправно изградени објекти, од март до септември 2011 година биле доставени над 360.000 барања. Во дополнителниот рок, пак, кој важеше од почетокот на 2016 година биле поднесени уште 80.000 барања. Соред податоците на надлежните институции, досега се легализирани 40-ина проценти од објектите за кои беа поднесени барања, поточно, 186.000 објекти се стекнале со правен статус и се впишани во Катастарот на недвижности.
 

Содржината е прочитана 334 пати.