Инфо

Серија земјотреси во дојранско, најсилниот е од 5 степени

Епицентарот на потресот бил на длабочина од два километра, на 145 километри југоисточно од Скопје и на 9 километри источно од Стар Дојран

вторник, 02 јануари 2018

Неколку земјотреси го вознемирија населението во југоисточниот дел од Македонија во изминатите 12 часа. Потресите потекнуваат од грчкото епицентрано подрачје, но ги почувствуваа и жителите во повеќе градови во јужниот и југоистичниот дел на Македонија.

Атинската сеизмолошка опсерваторија ноќеска, во период од 23,13 до 5,24 часот регистрираше серија од вкупно девет земјотреси на североисточниот дел од Грција, во близина на македонско-грчката граница. Најсилниот потрес е регистриран утринава во 5,24 часот со интензитет од 5 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од два километра, на 145 километри југоисточно од Скопје и на 9 километри источно од Стар Дојран. Земјотресот, освен во Дојран е почувствуван и во Гевгелија, Валандово, Струмица, Кавадарци, Радовиш и во Берово, а бил почувствуван и во Грција и во Бугарија.

И синоќа во 23,13 часот во истото епицентрално подрачје е регистриран послаб земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала. По него следуваа уште три помали потреси, и тоа во истата минута земјотрес од 3,1 степени, потоа во 23,16 часот земјотрес со интензитет од 3,3 степени и три минути подоцна уште еден потрес од 2,9 степени според Рихтеровата скала.


 

Содржината е прочитана 506 пати.