Инфо

Ќе биде ли 2 јануари повторно неработен ден?

Од Министерството за труд и социјална политика не ја исклучуваат таквата можност, но најавуваат дека за таква одлука ќе се бара мислење од работодавачите и од работниците

среда, 03 јануари 2018

Има реални шанси од идната година 2 јануари да биде прогласен за неработен ден, како што беше во минатото. Вакво барање се почесто може да се слушне од граѓаните, а од Министерството за труд и социјална политика не ја исклучуваат таквата можност. Оттаму се најавува дека ќе се преиспита Законот за празниците, но, сепак, за да се донесе таква одлука, ќе се бара мислење и од работодавачите и од работниците.

„Во изминатиот период во врска со Законот за празниците многу често се поведуваа прашања во насока дека тие се многу на број, дека треба да се дополни со неработни денови за други националности итн. Работодавачите често укажуваат дека има многу празници. За да може да се пристапи кон какво било решение, ќе треба прашањето да се отвори и да се разговара со претставници на работодавачите и со претставници на работниците. Но, секако и да се разгледаат меѓународните искуства за бројот на неработни денови. Потоа ќе може да се пристапи кон предлог во кој ќе се согледа и можноста дали 2 јануари да се смета како неработен ден“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Законот за празниците беше изменет во 2007 година. Притоа 2 јануари, како и 2 мај беа прогласени за работни денови, а беа додадени многу нови празници и тоа најмногу верски. Според актуелниот Закон, предвидени се 12 неработни дена за сите граѓани на Република Македонија, дополнителни 5 неработни дена за православните граѓани, дополнителни 3 за католиците, 1 за муслиманите и по уште еден неработен ден за припадниците на албанската, српската, ромската, влашката, еврејската, бошњачката и за турската заедница.
 

Содржината е прочитана 743 пати.