Инфо

Во Македонија е најдобро да се води бизнис, но Македонците се најнесреќни на Балканот

Кога станува збор за слободата на медиумите, Македонија е на последно место од земјите од регионот и според рангирањето на „Фридом Хаус“ и на Репортери без граници

среда, 03 јануари 2018

Македонија е најдобро рангирана земја во регионот за водење бизнис, но нејзините граѓани се најнесреќни во споредба со граѓаните на другите држави.

Според најновите податоци на Светска банка, Македонија се наоѓа на 11 место од вкупно 190 земји за водње бизнис и е пред сите држави од опкружувањето. По Македонија следува Словенија, која е позиционирана на 37 место, потоа Косово на 40 место, па Србија, Хрватска и БиХ.

И по однос на економските слободи Македонија е на чело од земјите од регионот. Според статистиката на WSJ Heritage Foundation, Македонија е на одличното 31 место од вкупно 180 држави во светот. По нас следува Косово, на 56 место, па Црна Гора на 83 и т.н.

Но, според индексот на среќа, Македонија се наоѓа на 92 место од 155 земји, а Македонците се најнесреќни од народите во државите во опкружувањето.

Во однос на индексите за слабост на државите, вредноста на пасошот, заканата од тероризам и корупцијата, нашата држава е рангирана во средината на листата.

Сепак, кога станува збор за слободата на медиумите, Македонија е на последно место од земјите од регионот и според рангирањето што го направи „Фридом Хаус“ и според тоа на Репортери без граници. Така, според „Фридом Хаус“ од 199 земји Македонија е на 139 место, БиХ е на 103, Србија на 98, Косово на 96, Црна Гора на 86, Хрватска на 76 и Словенија на 33 место. А, Репортери без граници, пак, Македонија ја рангира на 111 место од вкупно 180 земји. Пред нас е Црна Гора на 106 место, Косово на 82, Хрватска е 74-та, Србија 66-та, БиХ е на 65 и Словенија на 37 место.

 

Содржината е прочитана 423 пати.