Инфо

Почнаа поскапувањата, дали не очекува тешка година за преживување?

За само девет дена во новата година дизел горивото поскапе за цели 4,5 денари, а зголемената цена на нафтата, се очекува да го поскапи, пред се, транспортот, што автоматски би значело и нови, зголемени цени на прехранбените производи, на превозот, на земјоделските производи...

вторник, 09 јануари 2018

Ако денот се познава по утрото, првите денови од 2018 не ветуваат многу добра година за граѓаните на Македонија. Дали не очекува тешка година за преживување?

За само девет дена во новата година дизел горивото поскапе за цели 4,5 денари. Од 1 јануари за 3,5 денари се зголеми акцизата за дизелот, а од 10 јануари, пак, за еден денар поскапи литар од ова гориво. Но, освен тоа што поскапувањето на дизелот директно го чувствуваат сите оние кои возат автомобили со вакви мотори, граѓаните се убедени дека тоа ќе повлече бран поскаувања на многу други производи.

Зголемената цена на нафтата, се очекува да го поскапи, пред се, транспортот, што автоматски би значело и нови, зголемени цени на прехранбените производи, на превозот, на земјоделските производи...
Уште кон крајот на минатата година Регулаторната комисија најави дека во најголем дел од општините ќе дојде до поскапување на водата, се очекува да поскапи и струјата кога ќе се либерализира пазарот на струја и ќе се укине евтината тарифа, а за сите кои ќе решат да постават калориметри на радијаторите, ќе поскапи и парното, бидејќи ќе мора да ги набават мерачите, а ќе треба да платат и за адаптација на подстаницата.

И, ако поскапата облека и зголемената цена на угостителските услуги не ги загрижува премногу граѓаните, поскапувањето на храната и на комуналиите и тоа како влијае негативно врз психата на луѓето. Дотолку повеќе што и натаму нема некои големи придвижувања на полето на инвестициите што би отворило нови работни места. Иако надлежните се обидуваат да ја смират ситуацијата и убедуваат дека е се под контрола и дека нема да има бран поскапувања, недовербата кај граѓаните е се поголема.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2017 година цените на мало пораснале за 3,2 отсто, а инфлацијата достигнала 1,4 проценти. На така зголемени цени и трошоци на живот, Македонија ја почна 2018 година со 4,5 денари поскап дизел. Најголемо зголемување од 8,5 проценти лани имало кај комуникациите, потоа следуваат цигарите и алкохолот со 6,3 отсто, поскапување од 5,5 проценти кај транспортот... Намалување имало само кај трошоците за здравје и тоа за 0,6 проценти, кај образованието од 0,3 и кај комуналиите од 0,2 отсто.

Поразителни се и податоците за сиромаштијата во Македонија. Имено, на крајот на 2016 година дури 453.000 Македонци бил сиромашни, што е безмалку една четвртина од населението. Поточно, со стапка на сиромаштија од 21,9 проценти, излегува дека е сиромашен секој петти граѓанин на оваа држава.

Според податоците на ДЗС стапката на сиромаштија е највисока кај најмладите, односно кај лицата до 17 години и изнесува 28,6 проценти, а е најниска кај постарите од 65 години, каде изнесува 14,5 отсто. Дури 9 проценти од вработените се сиромашни, а убедливо најсиромашни, цели 41,1 отсто се невработените.

Сепак, и покрај ваквите бројки, од Министерството за финансии оптимистички најавија дека инфлацијата ќе остане под контрола. Очекувањата се таа годинава ќе биде 1,7 отсто и тука е вградено и зголемувањето на акцизата.

„Апсолутно не очекуваме зголемената акциза да предизвика придвижување на цените. 2018 година ќе биде добра година за македонската економија, бидејќи стабилизацијата на политичката состојба ја враќа довербата на инвеститорите и се очекува силно придвижување на приватните инвестиции, кои изостануваа во претходниот период“, рече неодамна министерот за финансии, Драган Тевдовски.
 

Содржината е прочитана 454 пати.