Инфо

Сите патарини од Коридор 10 ќе бидат проширени и со електронска наплата

Зафатот вреден 18,72 милиони евра ќе овозможи модерен, брз проток на сообраќај без застои

петок, 12 јануари 2018

До крајот на годината сите патарини од Коридорот 10 ќе бидат проширени, модернизирани и на нив ќе се плаќа електронски. На сите наплатни станици ќе има по неколку ленти со што ќе се овозможи брз проток на возила без застои.

Вкупната инвестиција за овој зафат е во вредност од 18,72 милиони евра, од кои 2,86 милиони евра се обезбедени од буџетот на Македонија, а 15,86 милиони евра со поддршка од Европска банка за обнова и развој.

Министерството за транспорт и врски веќе има издадено одобренија за градење за сите пет наплатни станици што треба да се реконструираат, бидејќи на наплатната станица „Сопот“ на автопатот Скопје-Велес веќе се работи, додека патарината „Романовце“ кај Куманово веќе е во завршна фаза и се очекува наскоро да биде пуштена.

„Набрзо ќе започнеме со реконструкција на патарините ‘Градско’ и ‘Петровец’, така што очекуваме оваа година целосно да ги модернизираме овие наплатни станици и да почнеме да го применуваме електронскиот систем на наплата. Најрано за два месеци ќе се стави во употреба патарината ‘Романовце’ и понатаму како ќе се завршуваат другите патарини, така ќе бидат пуштани во употреба. Целта е сите патарини да се прошират со по неколку ленти, да се воведе електронска наплата и да се избегнат тесните грла, особено во летните периоди кога имаме зголемен интензитет на сообраќај на Коридорот 10“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој информираше дека во тек е издавањето одобренија за градење на двете нови патарини кај Демир Капија и Гевгелија што ќе бидат отворени за новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица.

Според директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, двете наплатни станици на кои моментално се работи ќе бидат пуштени во употреба до почетокот на летната сезона, а останатите до крајот на годината. Со тоа сите патарини по должина на Коридорот 10 ќе имаат по пет ленти, што ќе овозможи брз проток на возила и сообраќајот да се одвива без застои.

„На почетокот ќе има и плаќање во кеш, како што е сега, но и со припејд.. Постепено како граѓаните ќе се привикнуваат на новиот систем, така ќе се воведува електронската наплата. На тој начин целиот Коридор 10 од Куманово до Гевгелија ќе се поминува без застој преку современи наплатни станици“, рече Китанов.
 

Содржината е прочитана 528 пати.