Инфо

Донесен е Закон за урбано зеленило, на секоја градежна парцела ќе има најмалку 20 отсто зелена површина

Законот ги обврзува општините да изготват зелен катастар и да направат попис на целото зеленило по број, вид и состојба, а сите идни генерални урбанистички планови да обезбедат по 25 квадратни метри зелена површина по жител

вторник, 16 јануари 2018

Нема веќе да се градат згради на место на зелени површини и паркови, а инвеститорите нема да смеат да градат објекти на цела површина на градежната парцела. Напротив, во иднина секоја градежна парцела треба да има најмалку 20 проценти зелена површина.

Ова се предвидува со Законот за урбано зеленило, што вчера го усвои Собранието и со него се става точка на неконтролираното и непланско уништување на зеленилото на сметка на нови градби.

Законот ја обврзува секоја општина да изработи зелен катастар, што значи ќе треба да се направи попис на целото зеленило, по број, вид и состојба. Според новите законски одредби, сите идни генерални урбанистички планови треба да обезбедат по 25 квадратни метри зелена површина по жител, на секоја градежна парцела да има најмалку 20 отсто зелена површина, а онаму каде веќе постојат изградени блокови, ќе се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардиниери, на покриви и фасади. Исто така, ги обврзува и сите правни и физички лица кои имаат зелени површини да се грижат за нив и редовно да ги одржуваат.

„Според официјални податоци од ГУП на Скопје 2012-2022 година, Скопје во 2011 имало 12,17 квадратни метри зеленило по жител според пописот од 2002 година, односно 9,18 квадратни метри по жител сметано на 550.000 жители, но во рамките на новиот плански опфат. Како проекција за 2022 година е предвидено 18,5 квадратни метри зеленило по жител, или околу 17 квадратни метри според реалниот број жители. Слична е состојбата и со другите градови во Македонија. За да се постигне ова, потребно е многу сериозна работа за подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило“, се вели во образложението на Предлог-законот.

Од ДОМ, чии пратеници беа и предлагачи на Законот велат дека законските одредби ќе донесат револуција во просторното планирање, бидејќи го спречуваат уништувањето на зеленилото и бетонизацијата на општините.

„Конечно, после седум години успеавме да го донесеме овој Закон. Очекувам веќе за две години да ги видиме резултатите од зазеленување на градовите, верувам во тоа, бидејќи кај сите градоначалници има силна волја за зазеленување на општините“, вели пратеничката Лилјана Поповска, иницијатор на донесување на Законот за урбано планирање.

Во Законот се предвидени и казни за оние кои нема да ги почитуваат законските одредби. Глоба од 500 до 1.000 евра е предвидена за правното лице кое нема редовно да го одржува зеленилото, а 50 евра за граѓаните кои нема да се грижат за зеленилото во нивниот двор. Правното лице носител на лиценца за изработка на урбанистички планови ќе биде казнето со глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра доколку изработи детален урбанистички план и архитектонско урбанистички проект кој нема да ги задоволува одредбите предвидени со Законот.
 

Содржината е прочитана 839 пати.