Инфо

Почнува Давос, светските лидери ќе ја креираат иднината во еден разединет свет

Годинава и Македонија ќе биде дел од глобалното случување во швајцарското одморалиште и меѓу светските лидери, бизнисмени, банкари и славни личности ќе се најде и премиерот Зоран Заев

вторник, 23 јануари 2018

Најмоќните светски лидери, шефови на држави и на влади, бизнисмени, банкари, славни личности во наредните четири дена ќе бидат дел од глобалната конференција на Светскиот економски форум што секоја година се одржува во планински ресорт во источните Алпи на Швајцарија во градот Давос. На највисоката точка во Европа, на 1.560 метри надморска височина, учесниците на форумот, кој што годинава се одржува по 48. пат, ќе дискутираат на тема „Креирање заедничка иднина во еден разединет свет“ (Creating a Shared Future in a Fractured World).

Извештајот за глобалните ризици, што деновиве го публикуваше Светскиот еконосмки форум го потврди веќе јавно распространетиот сомнеж дека годинава е зголемен ризикот од политичка и економска конфронтација меѓу лидерите. Вознемиреноста ја подгрева и најавеното присуство на Доналд Трамп на форумот, кој ги доби изборите во САД со своите ставови против глобализацијата, поточно, токму против она за кое се залага Давос. Аналитичарите очекуваат Трамп, кој, всушност е првиот американски претседател кој доаѓа во Давос по Клинтон во 2000 година, да се обиде да ја направи ситуацијата непријатна за другите делегати со одредени ставови.

На конференцијата ќе присуствуваат најмоќните светски политичари, Емануел Макрон, Ангела Меркел, Тереза Меј, Џастин Трудо, Бенјамин Нетанјаху, Маурисио Макри Емерсон Мнангагва и Нарендра Моди.

По долги години отсуство, годинава дел од форумот ќе биде и Македонија. Во Давос ќе замине премиерот Зоарн Заев кој ќе има директна средба со својот грчки колега, Алексис Ципрас. Се очекува лидерите на двете држави да ги стават на маса решенијата за спорот со името и да го утврдат идниот правец на преговорите.

Но, освен политичари, во Давос ќе дојдат и многу бизнисмени и лидери на најголемите компании во светот, како Марк Бениоф од „Salesforce“, Карлос Госн од „Renault-Nissan-Mitsubishi“ и сер Мартин Сорел од WPP. Токму тие делегати главно ги обезбедуваат средствата за конференцијата со своето годишно корпоративно членство и партнерства кои се движат од 60.000 до 600.000 франци.

Дел од глобалното случување се и првите луѓе на некои од меѓународните тела како Меѓународниот моментарен фонд и на Обединетите нации, потоа на многу добротворни организации, синдикати, невладини организации. На Светскиот економски форум ќе има и познати личности од филмската и музичката индустрија, а годинава тоа се актерката Кејт Бланшет и пејачот Елтон Џон.

Форумот почнува денеска со обраќање на индискиот премиер Нарендра Моди. Францускиот премиер Макрон, пак, ќе зборува утре и притоа ќе ги претстави идеите за борба против растечката нееднаквост, глобалното затоплување и против јакнењето на национализмот, а на учесниците ќе им се обрати и претседателот на Европкста комисија, Жан Клод Јункер.

Инаку, оваа година Светскиот економски форум номинираше седум жени за копретседавачи, меѓу кои се шефициата на ММФ, Кристин Лагард и раководителката на IBM, Џини Ромети.
 

Содржината е прочитана 390 пати.