Инфо

ММФ прогнозира глобален економски раст на 3,9 отсто

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги подобри прогнозите за раст на светската економија за оваа и за следната година

вторник, 23 јануари 2018

Глобален економски раст од 3,9 проценти предвидува Меѓународниот монетарен фонд за оваа и за следната година. Економскиот раст е подигнат за 0,2 процентни поени, што го одразува очекувањето позитивни промени после новата американска даночна политика со која се намалени корпоративните даноци.

Во новиот извештај за состојбата на светската економија, ММФ наведува дека светската економија лани имала раст од 3,7 проценти, што е за 0,1 отсто повеќе отколку што беше предвидено минатата есен.

Последиците од новиот даночен систем во САД ќе бидат позитивни до 2020 година, но се очекува дека поради даночниот пакет од 2022 година ќе дојде до намалување на растот.

„Глобалниот раст се забрзува од 2016 година и сите знаци укажуваат на продолжување на зајакнувањето на тој раст“, изјави директорката на ММФ, Кристин Лагард.

Растот во еврозоната оваа година ќе биде 2,3 проценти, што е за 0,3 проценти повеќе отколку што се предвидуваше претходно, додека следната ќе биде 2,2 проценти, односно, за 0,4 отсто повеќе од претходната проекција.

ММФ очекува раст во САД оваа година од 2,7 проценти, што е за 0,4 проценти повеќе отколку претходно, додека во Кина раст од 6,6 проценти, што е за 0,1 отсто повеќе отколку претходно и во Индија од 7,4 проценти, колку што беше и претходната проекција.
 

Содржината е прочитана 453 пати.