Инфо

Објавени номинациите за Оскар

Годинава, најмногу номинации, дури 13 доби филмот „Обликот на водата“, меѓу кои и за најдобар филм, а втор е „Данкирк“ со осум номинации

среда, 24 јануари 2018

Американската Академија за филмска уметност и наука (AMPAS) ги објави номинациите за наградата „Оскар“, што се доделува во 24 категории. Годинава, најмногу номинации, дури 13 доби филмот „Обликот на водата“, меѓу кои и за најдобар филм и за најдобро сценарио, а втор е „Данкирк“ со осум номинации.

Во категоријата најдобар филм за „Оскар“ уште ќе се борат филмовите „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, „Пошта“, „Лејди Брд“, „Бегај!“, „Данкирк“, „Најтемниот час“, „Викај ме по твоето име“ и „Фантом Тред“.

За најдобар актер се номинирани Тимоти Шалумеј за улогата во филмот филмот „Скриена љубов“, потоа Даниел Кулују за „Бегај!“, Даниел Деј-Луис, Гери Олдман и Дензел Вашингтон, додека за најдобра глумица се номинирани Сали Хокинс, Францес Мекдорманд, Мерил Стрип, Марго Роби и Сирша Ронан.

За Оскар за најдобра споредна женска улога ќе се борат актерките Мери Џеј Блајџ, Алисон Џани, Лесли Манвил, Лори Меткалф и Октавија Спенсер, додека за најдобра машка споредна улога се номинирани Вилијам Дефо, Вуди Харелсон, Ричард Џенкинс, Кристофер Пламер и Сем Роквел.

За Оскар за најдобар режисер се номинирани Кристофер Нолан за филмот „Данкирк“, Џордан Пеле за филмот „Бегај!“, Пол Томас Андерсон за „Phantom Thread“, Гиљермо дел Торо за „Обликот на водата“ и Грета Гервиг за „Лејди Брд“.

За најдобро оригинално сценарио се номинирани Емили В. Гордон и Кумаил Нанјиани за филмот „Мојата љубовна приказна“, Џордан Пеле за „Бегај!“, Грета Гервиг за филмот „Лејди Брд“, Мартин Мекдона за „Три билборди“ и Гиљермо дел Торо и Венеса Тејлор за „Обликот на водата“.

Ова е 90 по ред доделување на наградата Оскар. Ќе се одржи на 4 март во познатиот Dolby Theater во Холивуд. Домаќин на овогодинешната награда за Оскар ќе биде познатиот комичар и водител Џими Кимел, кој манифестацијата ја водеше и лани.
 

Содржината е прочитана 402 пати.