Инфо

Објавени повици за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост

Државата дава под закуп земјиште со површина до и над три хектари. Закупот е во траење од 15 до 70 години, во зависност од земјоделската култура што ќе се одгледува

среда, 24 јануари 2018

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство објави два јавни повика за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со површина до и над три хектари. Закупот е во траење од 15 до 70 години, во зависност од земјоделската култура што ќе се одгледува.

Земјоделското земјиште се наоѓа во повеќе региони и тоа Берово, Битола, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Кратово, Крушево, Куманово, Македонски Брод, Неготино, Охрид, Свети Николе, Струга, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Штип, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и во Чаир.

Еден понудувач може да аплицира за максимална површина од три хектари. Доколку предмет на понудата е земјоделско земјиште на кое се подигнати долгогодишни насади, истите треба да се со старост од најмалку три години.

На јавниот повик можат да учествуваат физички лица и домашни и странски правни лица. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност, или да се запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства, или да се трговец поединец на кој земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи му е претежна дејност.

Најповолниот понудувач ќе се избере според неколку критериуми и тоа врз основа на оддалеченоста на местото на живеење, понудената годишна закупнина по хектар и правниот статус на понудувачот. Најниската годишна закупнина по хектар што може да се понуди е во износ на просечна годишна закупнина во регионот во кој се наоѓа земјоделското земјиште во државна сопственост што се дава под закуп, постигната во последните три години.

За огласот за површини над 3 хектари, покрај другите документи понудувачите треба да достават и геодетски елаборат и банкарска гаранција за учество во постапката.

Дополнителни информации понудувачите може да добијат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на телефонот 02/313-44-77 или на веб страницата на Министерството www.mzsv.gov.mk.
 

Содржината е прочитана 318 пати.