Инфо

Плата од 96.000 денари во воздухопловството, а од 13.600 денари во кожарската индустрија

Разликата меѓу најниската и највисоката исплатена просечна плата во ноември лани изнесувала колку три просечни плати од 21.195 денари

среда, 24 јануари 2018

Највисоката просечна плата во ноември лани била исплатена во воздухопловството, каде со покачување од 82 отсто вработените зеле 96.116 денари, додека најниска плата примиле вработените во кожарската индустрија, само 13.664 денари и покрај годишниот раст од 15,4 проценти, објави Државниот завод за статистика.

На второ место најплатени професии во Македонија се програмерите со плата од над 50 илјади денари, а потоа следуваат вработените во финансиските дејности со исплатена просечна плата во ноември 2017 година во висина од 45.251 денар, па во фармацевтската индустрија со плата од 42.377 денари и во телекомуникацискиот сектор 38.940 денари.

На дното на листата, покрај во кожарската индустрија, најслабо платени се вработените во текстилната индустрија и во рибарството, па потоа оние кои работат во секторот за заштита и истражни дејности, вработени во одржување станбени згради и животна средина и производителите на мебел кои во ноември примиле просечна плата од 15.102 денари.

Статистичките податоци покажуваат дека разликата меѓу најниската и највисоката исплатена просечна плата во ноември во Македонија изнесувала 82.425 денари, што претставува три просечни плати од 21.195 денари, колку што изнесувала просечната плата во ноември лани.

Според Статистика, просечната плата во ноември била за 163 денари помала отколку платата во октомври, но за 3,6 проценти повисока од исплатената плата во ноември 2016 година.
 

Содржината е прочитана 277 пати.