Инфо

Можеби сме разочарани од пласманот на ЕП во Хрватска, но во Македонија и натаму ќе се сака ракомет

Освоеното 11.место не е тоа што го посакувавме и очекувавме, но не треба да бидеме незадоволни од она што го покажаа македонските ракометари. Едноставно, играа колку што можеа и толку колку што им дозволија противниците

четврток, 25 јануари 2018

Македонија со пораз го заврши Европското првенство во ракомет во Хрватска и со вкупно две победи, еден нерешен резултат и три порази се најде на 11 место.

Ракометарите не успеаја да го повторат досега најдобриот пласман во историјата на македонскиот репрезентативен ракомет, петтото место на Европското првенство во Србија во 2012 година. Очекувањата беа големи, а надежите дополнително ги подгреа успешно завршениот прв круг од натпреварите во Загреб, кога Македонија со две победи против Словенија и Црна Гора и еден нерешен резултат против Германија, пренесе три бода во наредната фаза од натпреварувањето.

Иако сите беа свесни дека ќе биде тешко, особено затоа што требаше да се игра против, за нас традиционално незгодната Данска, но и против шпанската „црвена фурија“, сепак, оптимизмот беше голем. Се веруваше дека лесно ќе се совлада третиот противник, Чешка, особено што Македонија претходно ја имаше „згазено“ со 12 голови разлика, па се калкулираше дека со добра игра и максимална борбеност ќе се дојде до два бода, а со помош на среќата ќе се извлече барем уште еден бод со некој од другите два противника и ќе не однесе до полуфиналето. Или, барем ќе ни го загарантира петто место. Но, се покажа дека желбите се едно, а реалноста нешто сосема друго.

Сега, кога првенството заврши за Македонија, може да се сумираат впечатоците. Допрва ќе се прават анализи, ќе се бараат грешките, пропустите.

Македонските ракометари покажаа голема борбеност, имаше утакмици кога буквално гинеа на теренот, но, за жал, видовме и моменти на немоќ, замор, отсуство на идеи. Всушност, играа толку колку што знаеја, но и колку што им дозволија противниците. Можеби можеа и повеќе, можеби на моменти и немаа среќа, но никој не може да рече дека не се бореа и не дадоа се од себе.

Факт е дека Македонија беше хендикепирана од повредата и неиграњето на капитенот Кире Лазаров и остана куса не само за неговите голови, туку и за неговата организација на играта, додавања, акции, авторитет. Можеби се ќе беше поинаку тоа да не се случеше уште на стартот на првиот натпревар во втората фаза, (иако веднаш беше јасно дека Шпанија е преголем залак за Македонија, па дури и со Лазаров во игра), а можеби и утакмиците со Чешка и со Данска ќе имаа сосема поинаков тек доколку капитенот беше на паркетот, кој знае! 

Сепак, отсуството на Лазаров не може и не треба да биде оправдување за изгубените натпревари. Оти, во репрезентацијата има и други ракометари. Тешко на оној тим во кој се зависи само од еден играч! „Големите“ репрезентации не ги чинат по еден или двајца ракометари. И кај другите имаше повредени играчи, некои од нив дури беа приморани своите соиграчи да ги бодрат од трибините, но, нивното отсуство не беше толку воочливо и од таков хендикепт како што за Македонија беше неиграњето на Кире.

А, спортот подразбира и повреди, и добри и лоши натпревари, и порази и победи. Првенството во Хрватска покажа дека никој не е непобедлив. Македонија ја победи третопласираната од последното ЕП – Словенија, играше нерешено со актуелниот европски првак – Германија, а изгуби од олимпискиот првак Данска. И, ако поразот од Шпанија е очекуван, победата со Чешка македонските ракометари сами ја испуштија.

Сепак, ова ЕП покажа дека имаме ракометен потенцијал. Оваа репрезентација е доказ дека ракометот во Македонија има иднина, дека има на кого да се потпира. Тука се Талески, Велковски, Поповски, Кузмановски, Пешевски, на кои овие средби со најдобрите на континентот им се најдоброто искуство и кои со поддршка на повозрасните колеги Лазаров, Стоилов, Миркуловски, Ристовски допрва ќе го покажуваат својот талент.
 
Никој во Македонија не треба да рече дека ракометарите разочарале. Зашто, иако крајниот резултат е неповолен, тие покажаа добра игра од која треба да бидеме задоволни. Треба да се биде реален па да се признае дека во моментов има многу подобри и поквалитетни репрезентации од Македонија и дека среќата не е доволна за успех. За да постои силна репрезентација, треба да има силно првенство. Тоа, за жал, во Македонија го нема. Нерамноправноста во квалитетот на екипите, при што врвен ракомет игра само еден тим во кој над 90 отсто од играчите се странци, практично ја елиминира конкуренцијата. Па македонските ракометари, едноставо кажано немаат каде да се докажуваат. А, за да има добар резултат, добра игра, квалитет, потребно е да се инвестира.

Како и да е, треба да се каже дека и покрај се, ракометот останува национален спорт. Во Македонија и натаму ќе се сака ракомет, а македонските навивачи ќе продолжат да ги бодрат своите ракометари независно од (не)успесите. На крајот, сепак, се работи за спорт, кој треба да пружи забава и задоволство. А, поразите се составен дел од него, па така треба и да се сфаќаат. Исто како и победите.
 
Содржината е прочитана 387 пати.