Инфо

Уставен суд го врати во сила ДУП-от за „Скопје 2014“

Судиите ја поништија одлуката на Општина Центар за поништување на четири урбанистички планови, меѓу кои и ДУП „Мал ринг“

четврток, 25 јануари 2018

Уставниот суд на својата последна седница донесе одлука за поништување на одлуката на Советот на општина Центар од 22 март 2017 година со која се поништуваат четири урбанистички планови од центарот на градот, вклучувајќи го и ДУП „Мал ринг“.

Со тоа, практично, се враќа во сила ДУП „Мал ринг“ од 2012 година, со кој се реализираше проектот „Скопје 2014“. Општина Центар минатата година донесе одлука со која ги поништи ДУП-овите за централното градско подрачје со објаснување дека локалната самоуправа може во било кој момент да поништи одреден урбанистички план, особено ако станува збор за земјиште во сопственост на државата и објекти од јавен карактер.

Сепак, уставните судии имаа поинакво толкување. Според нив, единствено Уставниот суд може да поништува и да укинува детални урбанистички планови. Во образложението на донесената судска одлука се посочува дека општините имаат овластувања да донесуваат урбанистички планови и да ги менуваат доколку сметаат дека некои од нив не се во ред, но не и да ги поништуваат.

Исто така, со оваа последна одлука Уставниот суд ги врати во сила и старите урбанистички планови за Голем Ринг – Јужен дел – Запад, Голем Ринг – Јужен дел – Исток и Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел.
 

Содржината е прочитана 458 пати.